Додека протестите и цивилната непослушност беснеат во САД, хакерите на групата „Анонимус“ излегоа од сенките. Групата која во минатото редовно спроведуваше сајбер-напади врз оние кои нанесуваат неправда, вети дека ќе ги открие злосторствата на полициските службеници на Минеаополис, пишува Би-би-си.
Познати по мотото „Ние сме легија“, „Анонимус“ немаат единствена агенда, но најчесто ги напаѓаат оние кои ја злоупотребуваат моќта. Се верува дека тие ја бутнаа веб-страницата на полицијата на Минеаополис, која викендов привремено беше офлајн, но нема доказ дека хакирањето е изведено од нив. Радио-фреквенциите за комуникација на полицијата исто така беа саботирани.
Сајтот на една мала агенција исто така беше хакиран, а на нивната насловна страница стоеше слика со пораката „Почивај во моќ, Џорџ Флојд“, заедно со логото на „Анонимус“.
„Анонимус“ и порано делувале поттикнати од расистички тензии. Во 2014 година, кога убиството на Мајкл Браун во Фергусон предизвика протести, тие се заканија дека ќе го целат градот доколку демонстрантите бидат повредени, а „објавија војна“ и на Кју Клукс Кланот (ККК), објавувајќи лични податоци за наводни членови на Интернет. Некои хакери ја нападнаа и веб-страницата за кампањата „Црните животи значат“ за „анти-бел расизам“.
Во изминатите неколку години, „Анонимус“ се повлекоа во сенките, далеку од очите на јавноста. Но, се чини дека револуционерниот дух и подготвеноста за борба против моќните и корумпираните лица ги врати во акција хакерите за време на кризата која ги тресе САД.