Француската опозициска конзервативна партија Републиканци денеска побара гласање недоверба на Владата на Франција, поради скандалот во кој висок припадник на обезбездувањето на претседателот Емануел Макрон претепа двајца учесници на првомајските протести во Париз.
Скандалот избувна откако беше објавено дека неформалниот шеф на личното обезбедување на Макрон, Александр Бенала претепува учесник на протестите.
И покрај младоста и релативно ниската формална функција, 26-годишниот Бенала се наметнал со своето влијание кај претседателот и честопати командувал со униформираната полиција.
Тој е обвинет дека на 1 мај земал слободен ден од работа, се облекол во полициска униформа и се приклучил на единица испратена да ги контролира левичарските протести на Денот на трудот, при што нападнал повеќе демонстранти.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Коломб и полицискиот префект на Париз Мишел Делпуеш ја префрлија вината за однесувањето на Бенала врз претседателскиот кабинет, велејќи дека навремено информирале за неговото однесување.
Адвокатот на Бенала вели дека двајца демонстранти биле исклучително насилни и Бенала решил да им помогне на полицајците кои се нашле во невоља.
Претседателот Макрон најави дека наскоро ќе го реши проблемот.
Се очекува Владата на премиерот Едуард Филип лесно да го „преживее“ гласањето за доверба, имајќи го предвид нејзиното големо мнозинство во Националното собрание.