„Гардијан“ ја разоткрива стратегијата на технолошката компанија
На корисниците на социјалната мрежа „Фејсбук“ им е дозволено да изразат поддршка за масовни убијци и други починители на насилни дела, во одредени ситуации, според новите интерни упатства чија цел е функционирање на технолошката компанија во државите со репресивни режими, тврди „Гардијан“.
Упатствата исто така откриваат дека „Фејсбук“ води список на „признаени злосторства“ и ги упатува своите модератори да прават разлика помеѓу овие и злосторствата што не се признаени од „Фејсбук“ при применување на правилата на компанијата.
– Ние препознаваме само злосторства што предизвикуваат физичка, финансиска или ментална повреда врз поединци, како што се кражбите, измамите, убиствата, вандализмот и неконсензуалното сексуално допирање – се вели во упатството.
Злосторствата што не се признаени од „Фејсбук“ вклучуваат тврдења за сексуалност, мирни протести против владата и дискутирање на историски настани и контроверзни теми како што е религијата. „Фејсбук“ тврди дека ова е единствениот начин на кој може да функционира во земјите каде владеењето на правото е нарушено.
– Проблемот на Фејсбук е што навлезе во сите земји ширум светот. Не можете да создавате посебни правила доколку не ја знаете ситуацијата – изјави Венди Виа, коосновачка и претседателка на „Глобален проект против омраза и екстремизам“.
Дури и во САД, „Фејсбук“ не се справува добро со културолошките промени. Документите даваат увид за тоа како „Фејсбук“ се бореше да дејствува против екстремното десничарското движење „КуАнон“. По повеќегодишни полемики, профилите поврзани со „КуАнон“ беа забранети низ целата платформа во октомври минатата година, но одредени страници и податоци се уште се достапни.
– Не дозволуваме поддржување на насилни активности и ги отстрануваме содржините што ги претставуваат или поддржуваат таквите организации. Признаваме дека во зоните каде што има конфликти дозволуваме поддршка на милитантни групи кои не напаѓаат цивили, кои обезбедуваат клучни услуги и преговараат со владите, но не дозволуваме пофалби за насилството од страна на овие групи – изјави портпарол на „Фејсбук“.
Содржини во кои се дискутира за масовни убиства се исто така дозволени под услов тоа да е „дискусија за настаните што водат до масовно убиство, дури и кога таквите дискусии заземаат поволна позиција кон настанот или неговиот сторител“.
„Фејсбук“ помина четири години справувајќи се со критиките за наводно посебен третман кон поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Летоска „Фејсбук“ одби да дејствува против Трамп по неговата објава „кога ќе започнат грабежите, ќе започне пукањето“, во врска со протестите во Вашингтон. Основачот на „Фејсбук“ Марк Закерберг изјави дека објавата е предупредување за државна акција наместо закана, што е спротивно на нивните правила.
Во 2017 година, протокот на документи за модераторите на „Фејсбук“ откри дека компанијата спроведувала правила против негирањето на Холокаустот само во група земји каде што таа дезинформација била нелегална. Минатата година, „Фејсбук“ ги ажурираше своите политики за забрана за негирање на Холокаустот на својата платформа низ целиот свет.