Федерален суд од Сан Франциско синоќа го призна за незаконски указот на претседателот Доналд Трамп со кој им се откажува помош на мигрантите од Јужна Америка.
Судот во основа ги поддржа граѓанските активисти кои се едногласни дека Трамп ги нарушува човековите права.
Указот на претседателот, блокиран од судот во Сан Франциско, предвидуваше забрана за давање помош и засолниште на нелегалните мигранти кои пристигнуваат во земјата преку границата со Мексико.
Од своја страна, Белата куќа вети дека одлуката на судот ќе ја даде на апелација во Врховниот суд на САД. Трамп изјави дека указот со кој се заоструваат миграциските правила пред се е потпишан поради повеќеилјадниот караван со мигранти од Јужна Америка кои сакаат да ја поминат границата и да побараат засолниште во САД.
Според американското Министерство за национална безбедност, на јужната граница на САД во моментот се наоѓаат околу шест илјади мигранти кои се надеваат да преминат на американска територија.
Многумина од нив се од Хондурас, Гватемала или Ел Салвадор и до граничниот пункт пристигнале по повеќе од еден месец пешачење. Изјавуваат дека тоа го сториле поради страв од прогон, насилство и сиромаштија во своите земји.
Указот на Трамп предвидува дека мигрантите мора да ја преминат границата на строго определни гранични точки, во спротивно нема да им биде дозволено да останат на територијата на САД.
На ова се спротивставија граѓанските активисти, како оние од Американскиот сојуз за заштита на граѓански слободи. Во своето обраќање до судот тие побараа мерките на Белата куќа да се признаат како „нарушување на човековите права“.
-Ние не ги охрабруваме да дојдат во земјата поминувајќи ги миграциските пунктови, но согласно решенијата на Конгресот дури и во такви случаи не треба да им се откаже давање помош и засолниште, изјави адвокатот Ли Гелернт.
Судијата Џон Тигар во својата одлука вели дека право да побараат азил имаат сите странци кои пристигнале во САД.
-Какви и да се надлежностите на претседателот, тој не може да ги прецртува законите за миграција, внесувајќи во нив измени против кои се изнесе Конгресот, посочи Тигер.
Еден од клучните аргументи на Трамп и неговата админстрација е во тоа што многу од мигрантите кои пристигаат на јужната граница наводно се криминалци.
За контрола на ситуацијата во октомври беше активирана операцијата „Вистински патриот“ во чии рамки на границата со Мексико беа распоредени речиси шест илјади војници. Сепак неделава американската армија донесе решение за повлекување на војската кое треба да заврши до 15 декември, дозна порталот „Политико“.
Си-Ен-Ен синоќа цитираше извештај на Пентагон во кој се вели дека трошоците за разместување и поддршка на војниците и воената техника на границата со Мексико до 15 декември ќе чини вкупно 210 милиони долари.