Американските разузнавачи во декември минатата година потврдиле успешно тестиран нов руски противсателитски ракетен систем, дознава „Си-Ен-Би-Си“.
Телевизискиот канал се повикува на извори запознати со разузнавачкиот извештај за лансиран проектил на 23 декември 2018 година од мобилна лансирна платформа.
Се дознава дека ракетата за 17 минути прелетала околу три илјади километри и успешно ја погодила целта. Лансирањето било седмо такво тестирање на противсателитскиот систем „ПЛ-19 Нудол“, кој во 2018 година бил испитан два пати.
Еден од изворите изјавил дека ракетата е способна да уништи комуникациски и навигациски сателити кои се во ниската околуземна орбита. Така на пример, Меѓународната вселенска станица и телескопот „Хабл“ се наоѓаат во ниска околуземна орбита.
Американскиот претседател Доналд Трамп завчера ја претстави обновената стратегија за развој на американската противракетна одбрана која ги издвојува Русија, Кина, Иран и Северна Кореја како земји кои имаат ракетни арсенали способни да ги загрозат САД. Обновената стратегија открива дека САД развиваат систем за пресретнување на ракети во вселената, разместување на други бази за пресретнување на ракети на Алјаска и редица други мерки.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, противсателитските проектили не се нова технологија, но разузнавачкиот извештај дојде откако претседателот Владимир Путин укажа дека Русија развила силен вооружен арсенал.
– Сакам да им укажам на сите оние кои во последните 15 години започнаа трка за вооружување, бараа придобивки на сметка на Русија и воведуваа незаконски санкции со цел да го запрат развојот на нашата земја: Нема да успеете да го запрете развојот на Русија – изјави Путин во обраќање до нацијата во март минатата година.