Протестите во Америка почнаа како одговор на полициската бруталност поттикнати од смртта на Џорџ Флојд, со што во изминатите неколку недели покренаа и расправа за расизмот, постојаната нееднаквост и долгото минато на белата надмоќ, пишува „Вашингтон пост“.

Протестите отворија и расправа за статуите и бистите на контроверзните херои со расистичко минато, која се одвива американскиот Конгрес и низ законодавните институции ширум светот. Но, наместо да се чекаат официјалните одлуки, демонтстрантите сами преземаа акција, што претставува значителна промена.

Пример за ваквата практика претставува Ричмонд, кој беше главно упориште на Конфедерацијата за време на граѓанската војна во САД. Неговата авенија сс споменици е дом на најпознатите статуи со кои им се оддава почит на лидерите на Конфедерацијата. Откако почнаа протестите, демонстрантите ги прекрија статуите со боја и пораки кои укажуваат на расната нееднаквост и неправдата.

Американската сојузна држава има најмногу споменици посветени на Конфедерацијата, но слични споменици се распоредени низ југот на САД. Голем дел од нив беа поставени кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Тие ги обележуваа улиците на местата каде што преовладува белото население, претставувајќи уште еден знак за сегрегацијата. Но сега, демонстрантите ги заземаат тие места.

Други споменици исто така се оспорени. Како на пример, оној на Кристофер Колумбо, кој за многумина претставува насилен колонизатор одговорен за убиството и поробувањето на илјадници луѓе од домородното население. Па за време на тековните протести беа урнати и отстранети бројни статуи со неговиот лик.

Спомениците беа уривани и надвор од Америка. Во Белгија цел на демонстрантите станаа статуите на кралот Леополд Втори одговорен за насилната колонизација на Централна Африка во 19-от век. Неговите статуи беа запалени во Антверпен, а градските власти во Брисел решија да ги отстранат обележјата посветени на кралот до крајот на месецов. Во Обединетото Кралство спомениците на поранешни трговци со робови и колонизатори исто така беа вандализирани и урнати.
 
По падот на спомениците допрва треба да биде одлучено што ќе биде поставено на нивното место, ако властите воопшто решат да кренат нови споменици. Но направена е значителна промена, заклучува „Вашингтон пост“.