Меѓу земјите-членки на ЕУ изминатиот период владее жестока дебата на два спротиставени табора. Едните, предводени од Франција, се залагаат за зголемување на употребата на нуклеарната енергија за производство на струја, другите, пак, од друга страна, на чие кормило е Германија, веруваат дека Европа своите идни политики на оваа тема треба да ги темели врз Зелениот договор и обновливите извори на енергија
Длабоки поделби во ЕУ за снабдувањето со енергија
ЕУ во моментов, покрај тоа што се соочува со енергетска криза, истовремено е длабоко поделена за тоа дали Стариот Континент треба да продолжи да се снабдува со електрична енергија од нуклеарните централи поради економски причини или Европа да се придржува кон обновливите енергетски извори и еколошки политики наметнати од Зелениот договор за климатска неутралност.
Оваа поделба на државите во еврозоната деновиве стана особено актуелна во јавноста, откако Стариот Континент се соочува со недостиг од струја, но и други енергенти поради кои има драстичен пораст на цените за живејачка на Европејците.
За Париз атомската енергија е „климатски поволна“
Токму во тој контекст, француски „Ле фигаро“ пишува дека претставници од десетина земји-членки на ЕУ во моментов спроведуваат иницијатива во Унијата да се засили употребата на нуклеарната енергија за да се заштитат европските потрошувачи од нестабилноста на цените на струјата. Како што пренесува францускиот медиум, во групата земји што се залагаат за зголемување на производството на струја од нуклеарките во ЕУ се и Романија, Чешка, Финска, Словачка, Бугарија, Франција, но и други.
– Неколку држави изразија уверување дека нуклеарната енергија ќе ги заштити европските потрошувачи од нестабилноста на цената на струјата, што моментално се рефлектира низ кризата што се наметна на европското тло. Со оглед на тоа што нуклеарната енергија не продуцира јаглерод диоксид и во споредба со гасот би била поевтина, во актуелната ситуација би морало да се прогласи за одржлива и климатски поволна – изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер за германските медиуми.
Северните членки на ЕУ резервирани за струјата од нуклеарките
Од друга страна, ЕУ-дипломатите од северните членки на Унијата се резервирани во врска со ваквите иницијативи и барања за зголемен удел на нуклеарките во Европа за производството на струја.
Германија, која има најголем пазар на струја и гас во Европа, прво сака да почека и да не се вплеткува со политики што се спротивни на заложбите на Зелениот договор. Портпаролката на Министерството за економија во Берлин за случувањата изјави дека ова е привремена состојба, која напролет ќе се расчисти со помош на силите на пазарот. Слично на неа, и ирскиот министер за финансии, Паскал Донахју, опишувајќи ја дискусијата во ЕУ за дополнителниот ангажман на нуклеарките за производство на струја, истакна дека не треба да се избрзува во носењето одлуки што се косат со „зелените политики на ЕУ“.
Во исто време, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, истакна дека таа се залага за намалување на зависноста од нуклеарните централи при производството на струја во ЕУ.
– Во Европа би морало да се произведува повеќе струја од обновливи извори.
И покрај растечките цени на енергијата, не би требало да се чепка т.н. Зелен договор, со кој треба да се остварат климатските цели. Членките на ЕУ би можеле да намалат други даноци и давачки за струјата, со што би се намалиле ценовните шокови за граѓаните во Унијата за електричната енергија – истакна Фон дер Лејен.
Инаку, како дел од својата стратегија за енергетска транзиција, Европската Унија има намера да ја исфрли нуклеарната енергија постепено покрај фосилните горива, иако таа, всушност, е најчистата форма на енергија, со убедливо најниски емисии на штетни гасови во атмосферата. Како дел од оваа стратегија, Германија објави целосно затворање на сите свои нуклеарни централи до 2030 година. Сепак, во ЕУ не гледаат сите еднакво на прашањето за нуклеарната енергија. Така, некои земји, пред сѐ Франција, како земја во која најголемиот дел од енергијата доаѓа од нејзините нуклеарни централи, имаат свое мислење што е во спротивност со мислењето на Брисел.