Американскиот потпретседател Мајк Пенс истакна дека Трансатлантското сојузништво е силно, но испрати критики до повеќе земји членки поради непочитување на обврските кон Алијансата.
На сесијата „НАТО Енгејџис“ што денеска се одржа во Вашингтон, еден од многубројните настани во одбележувањето на 70 – годишнината од НАТО, потпретседателот на САД истакна дека се прославува историски датум кога 11 сојузници во 1949 година потпишале Договор за Северно-атлантскиот воен пакт.
– И по 70 години, САД се целосно посветени на Алијансата. Предмалку, генералниот секретар Јенс Столтенберг кажа дека со ова сојузништво е направен огромен прогрес- укажа Пенс, додавајќи дека обновената американска економска сила го обновило и трансатлантското единство.
Укажа и дека НАТО веќе започна да ја реализира програмата за спротивставување на агресијата на Русија во Украина и регионот на Црното Море со силите за брза реакција во Источна Европа и „четирите триесетки“ – 30 воздушни ескадрони, 30 батаљони, 30 воени бродови да бидат распоредени за 30 денови каде и да е тоа потребно доколку има закана од надворешни агресори.
Пенс откри дека НАТО ќе отвори своја нова воена команда во Норфолк, Вирџинија и во Германија.
Ја истакна решеноста на САД да прогони 60 дипломати поради вмешаноста на Кремљ во демократските процеси и агресијата во Европа и Украина.
– Нашата одлука да се повлечеме од Договорот за ракети со мал и среден дострел (ИНФ) е порака до Русија дека таа, а не ние, започна трка за вооружување- истакна Пенс.
Укажа дека 23 од 27 земји членки на НАТО не ги исполнуваат договорените обврски да плаќаат 2 отсто од своите БДП за армијата. Посебно остра критика насочи кон Германија поради туку што изгласаниот буџет на земјата во кој за вооружените сили се предвидени само 1,3 отсто, уште помалку и од 2018 година кога Германија потроши 1,5 отсто.
– Германија, која има силна економија и важи за лидер во Европа, да престане да соработува со Русија во изградба на гасоводот „Северен поток 2“- повика Пенс.
Упати критика и до Турција, уште еден сојузник, за намерите нејзината армија да се снадби со руски противракетен систем С-400.
– Од Пентагон веќе повикаа Турција да не ја оформи таа зделка или следуваат санкции – ние прекинуваме со соработка со туските производители на оружје и ја откажуваме доставата на ловците Ф-35- истакна Пенс.
Укажа дека конечно „Исламската држава“ е „ставена на колена“ во регинот на Блискиот исток, и ја повтори загриженоста на САД од обновената сила на Кина и евтините кредити во Европа преку кинеската економска иницијатива „Еден појас еден пат“.
Пенс упати благодараност до Франција и Велика Британија за зголемените сили за надгледување во Индо-тихоокенскиот регион.
– НАТО земјите сочинуваат околу 1 милијарда луѓе, но придонесуваат со повеќе од 50 отсто од глобалниот БДП. НАТО е заснована на правда, демократија, слобода и владеење на правото- истакна Пенс и додаде дека во изминатите пет века секој воен сојуз не траел повеќе од 15 години.
Тој заклучи дека САД отсекогаш биле и ќе бидат најголемиот сојузник на Европа.
– Стоевме 40 години против советската закана, по падот на Железната завеса седум држави побараа да ни се придружат, а осмата, Советскиот Сојуз веќе не постои. Продолжуваме како и во изминатите седум децении, да го чуваме мирот во Европа и во 21 век- истакна потпретседателот Пенс.
Во врска со тоа дека НАТО се соочува со предизвици и е стратешки воен сојуз на Европа, претходно на отворањето на сесијата укажа и Роуз Готемелер, заменичка на генералниот секретар на Алијансата.
На сесијата учествуваа министри, воени аташеа, лица со високи воени чинови, а претходно заеднички разговор одржаа и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров и неговиот грчки колега Георгиос Катругалос.