Украинскиот парламент одби да ја прифати оставката на премиерот Владимир Гројсман, што беше поднесена минатата недела по инаугурацијата на новиот претседател. Тоа значи дека сегашната влада останува во наредните месеци, до одржување на предвремените избори.
Само 97 пратеници од потребниот минимум од 226, гласаа за да се прифати оставката на Гројсман, кој е премиер од април 2016 година.
Гројсман минатата недела поднесе оставка, повикувајќи се на несогласување со новиот шеф на државата Владимир Зеленски, поранешниот комичар кој освои убедлива победа на претседателските избори минатиот месец.
Зеленски веднаш по инаугурацијата закажа предвремени парламентарни избори за 21 јули, во обид што повеќе од неговите приврзаници да влезат во парламентот во кој сега доминираат поддржувачите на поранешниот претседател Петро Порошенко.
Според украинскиот закон, владата не е обврзана да поднесе оставка по промената на претседателот, но тоа мора да го направи по изборот на новиот парламент.
Според тоа, Гројсман ќе продолжи да ја извршува функцијата до формирањето на ново парламентарно мнозинство кое ќе именува нова влада.