Разговорот што се случил на 22 јули 2019 година, ја започна кампањата што резултираше со првиот импичмент на Трамп. Една и пол година украинскиот претседател и неговите помошници не проговорија за нивната комуникација со Џулијани, не сакајќи да го разгневат адвокатот на американскиот претседател. Но, сега, кога ерата на Трамп завршува со второ судење за импичмент, Украинците почнаа да зборуваат за околностите што доведоа до првата постапка за отповикување
Украинските власти проговорија за побараната услуга од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, за отворање истраги за семејството Бајден, преку објавување на разговор со поранешниот градоначалник на Њујорк и адвокат на Трамп, Руди Џулијани, тврди „Тајм“.
Четириесетминутниот повик, чиј транскрипт го добил „Тајм“, ја дава досега најјасната слика за обидите на Џулијани да изврши притисок врз Украина во име на Трамп.
– Внимавајте, можам да ви ги подобрам односите со Трамп. За доброто на двете земји, мораме да ги поставиме фактите во врска со Хантер (синот на Џо Бајден – н.з.) и да го ставиме ова зад нас. Сè што треба да сторите е вашиот претседател да каже дека истрагата ќе започне, а ние ќе ги дадеме доказите кои постојат – рекол Џулијани во телефонскиот разговор.
Разговорот што се случил на 22 јули 2019 година, ја започна кампањата што резултираше со првиот импичмент на Трамп. Една и пол година украинскиот претседател и неговите помошници не проговорија за нивната комуникација со Џулијани, не сакајќи да го разгневат адвокатот на американскиот претседател. Но, сега, кога ерата на Трамп завршува со второ судење за импичмент, Украинците почнаа да зборуваат за околностите што доведоа до првата постапка за отповикување.
Игор Новиков, кој служеше како близок советник на Зеленски за време на првиот импичмент, изјави дека е подготвен да помогне во тековната федерална истрага за Џулијани, како и за засебните обиди да му се одземе адвокатската дозвола. Владата на Зеленски презеде и правни активности против украинските соработници на Трамп и на Џулијани. Од перспектива на Украина, повикот ја довел владата на Зеленски во опасна позиција.
– Првиот телефонски повик ме остави во шок. По повикот, без сомнеж знаев дека сме во голема опасност – вели Новиков, кој учествуваше во повикот заедно со Андриј Јермак, тогашен советник на Зеленски, кој моментно е шеф на претседателскиот кабинет.
Три дена по разговорот со Џулијани, и Трамп оствари телефонски повик со Зеленски, во кој отприлика ги изнел истите барања и го замолил „да им направи услуга“, отворајќи истраги поврзани со Бајден и со неговиот син Хантер, кој служел во управниот одбор на украинска компанија за гас. Затоа сега, по доаѓањето на администрацијата на Бајден, Зеленски и неговите соработници почнаа кампања во која отворено разговараат за овие случувања.
– Минатото нека остане во минатото. Јас се грижам за иднината на нашите односи со САД, па затоа сакам да се фокусираме на тоа. Наша цел е да ги обновиме односите сега кога претседателот Бајден ја презеде функцијата – изјави Зеленски за „Тајм“.
Гледајќи наназад на тие настани, советниците на Зеленски сè уште се прашуваат какви би биле последиците доколку беа отворени истраги за семејството Бајден и колку тие ќе беа катастрофални за Украина.