Украинскиот суд денеска го ослободи рускиот новинар Кирил Вишински од затвор, што укажува на тоа дека долгоочекуваната размена на затвореници со Русија е повторно на дневен ред, пренесува „АП“.
Судот одлучи да го ослободи Вишински на условна слобода по повеќе од една година поминати во затвор.
Вишински, шеф на редакцијата во Киев на руската агенција РИА Новости, беше уапсен во мај минатата година под обвинение за предавство.
Неговото ослободување се чини дека сигнализира почеток на размена на затвореници за која се дискутира откако Владимир Зеленски победи на претседателските избори во Украина во април.
Украина бара Русија да ги ослободи 24-те морнари кои беа уапсени на Крим лани во ноември, како и други заробеници. Зеленски како негови главни приоритети ги постави враќањето на затворениците во Украина и ставање крај на конфликтот на истокот на земјата.