Народната партија на Австрија (ОВП) на Себастијан Курц победи на предвремени парламентарни избори во земјата, освојувајќи 38,35 отсто од гласовите, соопшти австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Пешорн.
Социјалдемократската партија (СПО) освои 21,54 отсто од гласовите, Слободарската партија на Австрија (ФПО) 17,25 проценти, Зелените – 12,35 проценти, а пратенички места доби и Неос кој освои 7,36 отсто од гласовите.
Познавачите на состојбите сугерираат дека Курц ќе може да бира со кого ќе ја прави владејачката коалиција, по убедливата изборна победа, со што има повеќе опции и неизвесно е во која политичка насока ќе ја одведе Австрија.
Излезеноста била околу 60 проценти. Официјалните прелиминарни резултати од изборите ги содржат сите гласови дадени на избирачките места, но не и оние кои се испратени по пошта, кои допрва треба да бидат изброени. За гласање по пошта биле побарани 1,04 милион гласачки ливчиња.