Сега, по сите воени, политички и економски турбуленции во Турција, се чини ЕУ, а особено Германија, полека но сигурно го прифаќа Ердоган како единствен вистински турски соговорник и иден партнер. Во последниве години се покажа дека Турција едноставно има алтернативни решенија и силни адути во ракавот за водење своја политика, која може но не мора да му се допаѓа некому. Но се разбира дека Турција има право на сопствен избор за својата иднина. И се чини дека во таа своја намера, таа повторно сериозно смета на политичко и економско партнерство со Европската Унија, пред сѐ со Германија
На самитот за Сирија, кој се одржа пред два дена, на 27 октомври, во Истанбул, лидерите на Турција, Русија, Франција и на Германија се согласија дека не постои воено решение за кризата во земјата и апелираа што побрзо да се почне политички процес со кој би ѝ се ставил крај на седумгодишната војна. Во заедничкото соопштение на Реџеп Тајип Ердоган, Владимир Путин, Емануел Макрон и Ангела Меркел се истакнува неопходноста за воспоставување траен мир во Сирија и потребата да продолжи борбата против екстремистите, како и да се создадат неопходни услови за безбедно и доброволно враќање на бегалците. Исто така се предвидува до крајот на годината да се формира комитет за промена на Уставот на Сирија. Во соопштението се истакнува и дека се отфрлаат „сепаратистичките агенди за поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија како на националната безбедност, така и на соседните држави“. Германската канцеларка Меркел истакна дека решението за сириската криза не може да биде воено и оти мора да се води политички процес под покровителство на Обединети нации.
Меркел посочи дека на крајот од овој политички процес мора да се одржат слободни избори на кои ќе учествуваат сите Сиријци, вклучувајќи ја и дијаспората. Рускиот претседател Путин посочи дека сите соговорници биле согласни дека долгорочната стабилност во Сирија може да се постигне со политички и дипломатски чекори во согласност со резолуцијата на Советот за безбедност и со строго почитување на принципот на единство, суверенитет и територијален интегритет на Сирија. Тој најави и дека Москва активно ќе учествува во работата на комитетот за промена на Уставот на Сирија. Турскиот претседател Ердоган наведе дека на средбата во Истанбул се разговарало дека треба да биде доброволно враќањето на бегалците во Сирија. Ердоган истакна дека сирискиот народ треба да одлучи за иднината на актуелниот сириски претседател Башар ал Асад.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред помалку од еден месец официјално престојуваше во Германија, предводејќи многубројна делегација, дури 400 луѓе, меѓу кои беа и осум министри, помошник-министри, членови на турскиот парламент, бизнисмени, претставници од медиумите и др. Посетата се одржа во сосема поинаква атмосфера од дотогаш, во која Германија имаше водечка улога на европски критичар на Турција, со што генерално креираше негативен став од страна на Брисел кон Анкара. Наедно, и Турција ја смени реториката кон Берлин, чија политика до неодамна ја споредуваше со онаа од времето на нацистичка Германија.
Очигледно е дека сложените глобални и регионални геополитички односи повеќе не им дозволуваат „комодитет“ за меѓусебни обвинувања на овие две земји, имајќи притоа предвид дека Берлин и Анкара во последниве неколку месеци беа изложени на силен американски политички и економски притисок, но и вовлечени во „трговската војна“ на Трамп против светот. Генерално, во последно време реториката на Анкара е толку многу променета, што ниту во изјавите на државните политичари, а ниту во провладините весници нема веќе да ги најдете до неодамна редовните обвинувања за германската и европската „исламофобија и притисоците врз муслиманската дијаспора“, а сѐ почесто ќе слушнете изјави за нужноста од обновени преговори за турското членство во ЕУ.
На Ердоган навистина му треба Меркел, но и обратно
По долгогодишната забрзана динамика на стопански развој, Турција сега се најде во една сложена економска ситуација, но, сепак, освен чисто економските, постојат и политички причини за „омекнувањето“ на турските ставови во однос на ЕУ и Германија. Едноставно, на Анкара ѝ е потребна и западната потпора за остварување на сопствените национални интереси, особено кога се работи за односите со Русија. Имено, заради нарушените релации со западните сојузници, Турција останува осамена во преговорите со Русија во однос на сириското прашање, во кои таа не е на страната на Русија (како што е тоа Иран), за разлика од турско-руските билатерални односи, кои забрзано и стабилно се развиваат во многу сфери – почнувајќи од економијата и енергетиката, па до културата. Следствено на сево ова, претседателот Ердоган, секако, има многу причини за ново приближување кон канцеларката Ангела Меркел, а истото тоа важи и за неа.
Имено, Германија, која е под удар на најголем мигрантски бран од сите други европски држави (во голем дел и заради своја вина), многу добро ја знае турската важност по тоа прашање, со оглед дека на турска почва се наоѓаат милиони блискоисточни бегалци (според службените турски извештаи, кои сепак треба да се земат со резерва, се работи за повеќе од 3,5 милиони Сиријци), за чие задржување во бегалските кампови ЕУ годишно ѝ исплаќа на Турција сосема солидни суми.
Од друга страна, освен што се сојузници во НАТО, овие две земји се и големи трговски партнери, а меѓусебните лоши политички односи многу влијаат на оние трговските. А еве како изгледа тоа во бројки: по Кина, Германија е втора водечка земја-извозник во Турција. Според податоците од 2017 година, Турција има увезено германска стока во вредност од 21,3 милијарда долари, нешто помалку од кинеска, која била во вредност од 23,4 милијарди долари. Трета земја-извозник во Турција е Русија, која истата година има извезено стока вредна 19,5 милијарди долари. Сепак, токму Германија е таа што ѝ испорачува на Турција незаменливи високотехнички производи. Во таа насока, споредени со овие земји, турско-американските трговски односи се незначителни и главно се сведуваат на воено-техничка соработка. Меѓутоа, САД, како и во односот со сите други светски земји, цврсто ги држат во свои раце клучните финансиски институции и доларот како најважна светска резервна валута, со што се создава силен притисок врз турското стопанство, настојувајќи да ја исправи „погрешната“ политика на Анкара и да ја врати на „исправниот“ пат.
Во однос на турскиот извоз, Германија го зазема првото место, увезувајќи стока од Турција во вредност од 15,3 милијарди долари. Следува Велика Британија со 9,6 милијарди долари, ОАЕ со 9,1 милијарди долари, додека, само како пример, Русија е дури на 17-то место како увозник на турска стока, со релативно скромни 2,7 милијарди долари во 2017 година.
Партнерството меѓу Турција и Германија повторно во залет
Од овие бројки јасно се гледа дека и за Турција и за ЕУ, особено за Германија, навистина би било тешко одржувањето ладни политички односи, кои се многу поблиску до воен конфликт отколку до сојузништво, како и дека двете страни се едноставно принудени да поработат на промена на настанатата парадигма. А се чини дека се случува токму тоа. Најдобро сведоштво се зборовите на Ердоган изречени во Берлин, според кои „болниот период во односите со Германија останува зад нас“, „Турција продолжува со реформите“, а и по прашањето за Сирија „нашето гледиште е на иста линија со Германија“.
Треба да се спомене дека неодамнешниот руско-турски договор за Идлиб, постигнат по пат на непосредни преговори помеѓу Ердоган и Путин во Сочи, турските медиуми го сметаат за голема победа на својот претседател – иако не е така, бидејќи се работи за класичен компромис со позитивни и негативни елементи за двете страни, при што Москва искористи повеќе, имајќи предвид дека таа не сака да војува очи во очи со радикалните Арапи, војување што одвај го чекаат нејзините глобални противници.
Доволно е да се каже дека деновиве најмоќната терористичка организација „Јабхат-ал-Нусра“ (неочекувано за многумина) изјави дека го прифаќа „турскиот ултиматум“ (кој произлезе како обврска за Турција по договорот во Сочи) и дека ќе ги повлече сите свои сили од демилитаризираната зона околу Идлиб, во ширина од 15-20 километри. Клучниот збор е „ултиматум“, што значи дека Ердоган сфаќа оти нема простор за калкулации околу договорот и дека мора да ги исполни преземените обврски во точно одредени временски рокови (во спротивно ќе следува воено уништување на радикалните организации во Идлиб).
Дотолку повеќе што Русија деновиве отворено покажува воена подготвеност за максимално заострување на односите со Израел, по пат на испорака на своите системи за воздушна одбрана „С-300“ за сириската војска (кое наиде на остро спротивставување од страна на Тел Авив).
Со помош на успешниот договор со Русија во врска со Идлиб, Анкара сака да се претстави себеси пред Западот како единствен глас на разумот во Сирија, кој, за разлика од сите други (вклучувајќи ги Русија, Иран и САД) сака сирискиот судир да го реши по преговарачки, т.е. политички пат.
Ердоган во Берлин беше пречекан како султан
Претседателот Ердоган беше пречекан во Берлин со сите државнички и воени почести; најпрвин час и половина разговараше со германскиот претседател Штајнмаер, а потоа се сретна со канцеларката Меркел, по што беше одржана заедничка прес-конференција. Ердоган кажа дека откако Турција премина на претседателски систем, веднаш започна и со реформи, како и дека во блиска иднина планира да ги исполни шесте критериуми барани од ЕУ, кои имаат за цел воспоставување олеснет визен режим за турските државјани. Ја спомна и нужноста од ревизија на Спогодбата за царинска унија, бидејќи „тоа би било корисно и за Турција и за Европа“.