Транспортот на јапонска стока кон Русија и Европа преку Транссибирската железница ќе биде двојно поевтин и побрз отколку преку Суецкиот Канал. На тој начин се очекува да дојде до сериозни потреси не само на економски туку и на геополитички план, бидејќи ќе дојде до нагло опаѓање на влијанието на некои региони, а засилување на други

ВО ЈАНУАРИ ЈАПОНИЈА ВОВЕДУВА РЕДОВЕН ТОВАРЕН ТРАНСПОРТ КОН ЕВРОПА

Неколкупати досега беа најавувани намерите на Јапонија за воспоставување нова извозна маршрута за пласман на нејзините индустриски и други производи на европскиот пазар, имајќи го предвид најкраткиот можен пат – преку руска територија – Транссибирската железница. Пишувано е и за првите пробни возења за таа намена: големи композиции возови тргнуваат од руското далекоисточно пристаниште Владивосток како почетна точка, минувајќи низ Русија и Белорусија на патот до ЕУ.
Деновиве пристигна веста дека јапонскиот логистички гигант, корпорацијата „Ханкју Ханшин експрес глобал“ донела одлука за воспоставување редовен товарен сообраќај преку Транссибирската железница кон Европа, заклучно од јануари 2021 година. Товарните терминали во јапонските пристаништа и Владивосток се веќе резервирани, исто како и во полскиот Познањ, во Прага и во Франкфурт.

Двојно помали трошоци

Според јапонскиот специјализиран магазин „Реилвеј ченел“, времетраењето и трошоците за превоз на стоки по должината на оваа железница се за 50 отсто помали одошто оние при транспорт преку Суецкиот Канал.
Новата логистичка услуга на споменатата корпорација се вика „Морски и железнички транспорт Јапонија – Европа“. Во најавата се наведува дека оваа корпорација стопанисува речиси во сите области на планетата и дека е една од најголемите светски корпорации што се занимаваат со логистика за сите видови транспорт, хотелиерство, туризам, јапонски железници и друго. На територијата на Европа, таа поседува свои филијали во Холандија, Франција, Италија, Германија, Полска, Чешка и во Велика Британија.
Пристаништето Тојама на брегот на Јапонско Море е дефинирано како главна точка за собирање и складирање товар во Јапонија. Товарот дотаму ќе биде доставуван преку патен и железнички сообраќај, а ќе тргнува од контејнерските терминали во Токио, Нагоја и Кобе. Во Тојама ќе се вршат монтажа и царинење на јапонската стока за извоз. Оттука, товарот по морски пат ќе биде испорачуван до Владивосток.
Потоа контејнерите го продолжуваат својот пат по должината на Транссибирската железница – преку Иркутск, Краснојарск и Екатеринбург одат до Москва, од каде што се упатуваат кон полската товарна железничка станица во Малшевичи, поминувајќи притоа низ белоруските Минск и Брест. Вкупното растојание изнесува 10.397 километри. Филијалата на „Ханкју Ханшин експрес глобал“ во Познањ (Полска) ќе врши шпедиција и царинење на стоката на патиштата низ цела Европа. Наедно, компанијата ќе ги користи своите филијали во Германија, Холандија и во Чешка за испорака на стоки наменети за полските потрошувачи. Проценетото време потребно за испорака на стандарден товарен контејнер од пристаништето Тојама до терминалот во Познањ изнесува (само) 22 дена. Ова е половина од времето што се троши на морската маршрута што минува преку Суецкиот Канал. Корпорацијата „Ханкју Ханшин експрес глобал“ полага големи надежи во проектот што се однесува на транспорт преку Транссибирската железница. Прелиминарните пресметки на нивните експерти укажуваат на можност за многу голема профитабилност.

Од Лисабон до Владивосток

Јапонија со овој потег (некако во тишина и во целосна координација со Русија) воспостави свој нов „пат на свилата“ – најкратка и најевтина маршрута за пласман на своите производи во Европа, „претрчувајќи“ ја Кина, која сѐ уште смислува и комбинира сопствени копнени и поморски варијанти за својот мегаинвестициски проект „Еден појас – еден пат“ (т.н. „Патот на свилата“). Секако, треба да се додаде дека кога се работи за извоз на кинески производи во Европа, и Пекинг е заинтересиран за Транссибирската железница, особено затоа што еден крак од неа, од Сибир преку Монголија, веќе од порано води кон североисточна Кина, па, оттука, таа е во покомотна позиција од Јапонија, која својот товар до пристанишниот терминал во Владивосток мора да го превезува по морски пат.
Не смее да се заборави дека Јапонија е една од најмоќните светски економии и еден од најголемите извозници на глобално ниво, па со сигурност може да кажеме дека оваа нова насока за извоз на јапонски стоки кон Запад на големо ќе влијае и врз стопанисувањето на Суецкиот Канал. Не е потребно многу да се објаснува што би значело за овој египетски „златен извор на девизи“ кинеското префрлање на дел од својот извоз на шините на руските железници на патот кон европските пазари. Дотолку повеќе што овие железнички композиции со сигурност нема да се враќаат празни ниту во спротивната насока – од ЕУ кон Далечниот Исток.
Можеби ќе изгледа чудно, но токму Токио (а не, на пример, Пекинг), во соработка со Москва, успеа да го направи она што Вашингтон по секоја цена сакаше да го спречи. Јапонците го направија првиот голем чекор за воспоставување слободна економска зона на потегот Лисабон – Владивосток, за која со децении мечтаат руските, но и европските и далекоисточните политички и економски елити. Зошто е толку големо значењето на една ваква зона? Одговорот е едноставен – таа претставува сериозно природно географско и економско обединување на евроазискиот мегаконтинент, се истакнува во анализата на „Геополитика њуз“.