Откако Џорџ Флојд во повеќе наврати повторувал дека не може да дише при неговото приведување, поранешниот полицаец Дерек Шовен му одговорил, „тогаш престани да зборуваш, престани да викаш, потребно е многу кислород за зборување, според транскриптот од видео-снимката на полициската камера, пренесува Си-ен-ен.
– Ајде човеку. Не можам да дишам. Ах! Тие ме убиваат. Тие ме убиваат – извикувал Флојд, кој неколку минути потоа останал без свест, а потоа и починал.
Транскриптите што даваат детален приказ на последните моменти од животот на Флојд се направени со камерите кои ги носеле на себе поранешните полицајци Томас Лејн и Џеј Александер Куенг. Документите беа објавени вчера во поднесок доставен до судот во Минеаполис.
Со поднесокот кој го приложил адвокатот на Лејн, Ерл Греј, се бара неговиот клиент да биде ослободен од обвиненијата. Лејн е обвинет за помагање и соучество во убиство од втор степен и помагање и соучество во убиство од небрежност, во смртта на Флојд.
Властите не ги објавија снимките и Си-ен-ен не беше во прилика да ги потврди транскриптите, а поднесе и барање до судот за пристап до снимките.
Флојд почина на 25 мај откако Шовен клечеше врз неговиот врат речиси девет минути. Лејн и Куенг помогнаа во приведувањето на Флојд, додека четвртиот полицаец Тоу Тао стоеше во близина. Шовен е обвинет за убиство, Куенг и Тао се обвинети за соучество и помагање, исто како и Лејн. Сите четворица полицајци добија отказ.
Според транскрипот, Лејн два пати прашал дали Флојд треба да биде свртен да легне на страна. Шовен, пак, му кажал на колегата да го држи додека не дојде брзата помош. Лејн бил убеден од Шовен дека Флојд е добро. Лејн не забележал „видливо нанесување на повреди“, се вели во поднесокот.
Адвокатот на Лејн во него посочува дека полицаецот не бил свесен оти неговиот колега Шовен починува криминално дело додека го приведувале Флојд. Адвокатот додал и дека одлуката за задржување на Флојд била оправдана.