Американскиот претседател Доналд Трамп ќе учествува на Маршот за живот, в петок во Вашингтон, со што ќе стане првиот американски претседател кој се приклучил во овој годишен собир против абортусот.
– Претседателот Доналд Трамп ќе биде првиот претседател во историјата на Маршот за живот – објави Белата куќа на „Твитер“ во средата навечер.
„Се гледаме в петок“ напиша Трамп на Твитер.
Во 2017 година, Мајк Пенс беше првиот потпретседател кој присуствуваше на тој митинг.
– За нас е голема чест да го имаме претседателот Трамп на 47-от Марш за живот – се вели во изјавата на претседателката на движењето Џин Манчини, која воедно изрази задоволство што американскиот претседател и неговата администрација редовно стојат во одбрана на животот.
Настанот секоја година се организира околу датумот кога е донесена пресудата на Врховниот суд од 1973 година, со која се легализира прекинувањето на бременоста во САД.
Повеќе американски држави усвоија многу рестриктивни закони за абортус и се надеваат дека правната битка ќе ги донесе до највисокиот суд во земјата каде ќе имаат можност да ја поништат пресудата од 1973 година.