Американската ликвидација на генералот Сулејмани ќе означи целосен пресврт во односите меѓу САД и Иран, и за долго време ќе оневозможи какви било корисни контакти на нивните претставници за наоѓање решение за подобрување на меѓусебните, речиси 40 години, нарушени односи. Ваквиот американски потег, најверојатно, ќе доведе до серија одмазднички акции на проиранските елементи на Блискиот Исток, но и пошироко, кон американските граѓани. Речиси сигурно може да се очекува Техеран да ја разгори т.н. посредничка војна, односно да ги искористи своите сојузници во регионот, оценува порталот „Геополитика“
Американскиот претседател Доналд Трамп ја почна 2020 година воинствено расположен. И покрај предупредувањата на искусните професионалци од Пентагон, Стејт департментот и ЦИА, Трамп издаде наредба за ликвидација на познатиот ирански генерал Касим Сулејмани, кој важеше за втор човек во Иран, веднаш по врховниот лидер, ајатолахот Хамеини. Тактички можеби и добро одигран потег, но стратегиски е високоризичен за американските национални интереси, и тоа не само на Блискиот Исток. Со ваквиот чекор, шефот на Белата куќа ја отвори Пандорината кутија и на сите им покажа дека САД отворено преминаа на тактиката за водење необјавени војни во блискоисточните држави, слично како што го прави тоа Израел во борбата против Хезболах во Либан и шиитските сили во Сирија, Ирак и Јемен, оценува „Геополитика“.
Блискоисточниот истрел на Трамп кон генералот Сулејмани, како што наведува хрватскиот геополитички портал, го има истиот потенцијал на „сараевскиот истрел“ во австрискиот престолонаследник пред Првата светска војна, и може од регионот да направи невиден хаос, а од иранскиот генерал нов маченик – и тоа многу подалеку од просторот на самиот Иран. Затоа целосно се конфузни, па дури и наивни, изјавите на американските претставници дека убиството на Сулејмани има одбранбен карактер и дека тоа ќе го направи Блискиот Исток побезбеден и ќе го одврати Иран од понатамошни дестабилизирачки политики во регионот.
Несомнено, според „Геополитика“, американската ликвидација на генералот Сулејмани ќе означи целосен пресврт во односите меѓу САД и Иран, и за долго време ќе оневозможи какви било корисни контакти на нивните претставници за наоѓање решение за подобрување на меѓусебните, речиси 40 години, нарушени односи. Ваквиот американски потег, најверојатно, ќе доведе до серија одмазднички акции на проиранските елементи на Блискиот Исток, но и пошироко, кон американските граѓани. Мали се шансите Иран да се одлучи за некои конкретни воени акции од страна на своите службени сили против американските војници или бази. Но затоа, речиси сигурно може да се очекува Техеран да ја разгори т.н. посредничка војна, односно да ги искористи своите сојузници во регионот. Шиитските организации во регионот тешко ќе го преболат убиството на омилениот генерал. Покрај тоа, Владата во Техеран всушност и нема друг избор, освен да даде зелено свело за нивните антиамерикански акции, бидејќи освен тоа што убиството на Сулејмани е голема политичка шлаканица од страна на САД, што го урива угледот на иранската влада, ќе следува и голем пораст на антиамериканизмот во иранското општество. Гневните толпи веќе бараат казна за одговорните, односно за САД, а ако Владата не сака да ги казни, тогаш тие ќе ја казнат Владата. Во секој случај, овој потег на Трамп означува и крај на надежите за каква била промена на радикалниот теократски состав на иранското општество во насока на негова демократизација според западниот модел, а дефинитивно на врвот повторно ќе испливаат силните конзервативни и антиреформски сили, што сигурно ќе претставува и опасност за реформистичката влада на сегашниот претседател Хасан Рохани.
Па, така, убиството на Сулејмани сигурно ќе има големи последици во повеќе „области“. Прво, ќе има сериозни регионални последици, проследени со силен пораст на и онака веќе присутниот антиамериканизам и влошување на вкупната безбедносна состојба, како и уште поголемо приближување на Иран кон Русија и Кина. Второ, потегот на Трамп ќе има и внатрешноамерикански последици, што веќе може да се насети од острите критики од Демократската партија, па, така, сигурно ќе следува нов политички раскол во Вашингтон. Со други зборови, во САД го нема потребното единство за војна со Иран, а доколку таа и почне, за неа ќе биде обвинет самиот претседател Трамп.
Со други зборови, Трамп повторно ги менува правилата на игра во светот, независно од мнозинското противење на истиот тој свет. Допрва останува да се види со што може овој „остаток“ од светот да му одговори на американскиот претседател. Единствено е јасно дека главните светски играчи – противници на САД – не се согласуваат со „правилата на игра“ на Трамп. Притоа, тие веќе воопшто не сметаат на внатрешниот американски раскол или промена во надворешнополитичката стратегија на Вашингтон.
Ниту Русија ниту Кина, одамна немаат илузии дека американската политика кон нив ќе се промени „однатре“, со промена на американските политички сили, и сега веќе се потпираат исклучиво на самите себе, додека, пак, американските војни им ги препуштаат на самите Американци, освен во оние области каде што и самите имаат свои интереси. А една од тие области несомнено е Блискиот Исток, вклучувајќи го и Иран, па затоа целата оваа „игра“ допрва ќе стане посложена, понеизвесна и поопасна, заклучува „Геополитика“.
Германија и Хрватска ги повлекуваат војниците од Ирак
Германската војска соопшти дека ќе повлече дел од своите војници од Ирак, каде што се наоѓаат во мисија за обука на ирачки војници, додавајќи дека нејзините сили ќе бидат распоредени во Јордан и во Кувајт. Германскиот контингент со околу 30 војници се наоѓа во Багдад и во Таџ, северно од ирачката престолнина. Покрај војниците во близината на Багдад, Германија има војници во ирачкиот дел на Курдистан, каде што ги обучуваат локалните безбедносни сили.
Во меѓувреме, и Хрватска соопшти дека ги повлекла своите војници од Багдад и дека дела ќе бидат распоредени во Кувајт, а дел ќе се врати дома. Хрватското министерство за одбрана посочи дека одлуката е донесена на ниво на НАТО, поради тензичните односи по убиството на иранскиот генерал Сулејмани во Ирак
Тројца американски војници убиени во џихадистички напад во Кенија
Официјален Пентагон соопшти дека тројца американски војници се убиени во напад врз база во Кенија, што ја користеле американските антитерористички сили во оваа африканска земја. Нападот го извршиле џихадисти од Ал Шабаб, група што е поврзана со Ал каеда. Во инцидентот се уништени и неколку американски авиони и возила.