Американскиот претседател исто така го предупреди турскиот колега Реџеп Таип Ердоган дека ќе се најде во голема неволја, доколку биде повреден некој од американските војници во деловите на Сирија каде што Турција планира воена операција
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја уништи турската економија доколку Анкара ги нападне курдските бунтовници во северна Сирија. Трамп исто така го предупреди турскиот колега Реџеп Таип Ердоган дека ќе се најде во голема неволја доколку биде повреден некој од американските војници во деловите на Сирија каде што Турција планира воена операција. Изјавата на шефот на Белата куќа следува само еден ден откако во телефонскиот разговор со Ердоган најави повлекување на војниците од територијата под курдска контрола, сигнализирајќи дека дава зелено светло за турската операција.
– Доколку Турција стори нешто, што го сметам за преминување на границите, тогаш целосно ќе ја уништам и избришам турската економија – порача Трамп на Твитер.
Трамп завчера беше цел на остри критики од сојузниците во американскиот Конгрес, по претходното соопштение на Стејт департментот дека САД нема да се мешаат во евентуалната турска операција во Сирија. Соопштението, кое беше издадено по разговорот со Ердоган, означи голем пресврт во позицијата на Вашингтон. Па, така, републиканскиот сенатор Линдзи Греам, кој важи за голем сојузник на Трамп, изјави дека ќе предложи двопартиска резолуција за санкции на Турција доколку изврши инвазија на Сирија. Греам дури и се закани со исклучување на Турција од НАТО доколку ги нападне бунтовничките групи, предводени од курдските сили. Според него, ставот на Трамп претставува голем ризик и може да доведе до воскреснување на Исламската држава (ИД).
– ИД не е поразена, мој пријателе. Најголемата лага на администрацијата е дека ИД е поразена. Калифатот е уништен, но таму и понатаму има илјадници борци – порача Греам.
Во серијата пораки на Твитер, Трамп исто така наведе дека Турција мора да се грижи за околу 12.000 заробени џихадисти на ИД, како и за десетици илјади членови на нивните семејства, кои живеат во затвори и кампови на територијата под курдска контрола.
Американскиот секретар за одбрана Марк Еспер и шефот на Генералштабот Марк Мајли им порачаа на колегите во Анкара дека секоја унилатерална акција претставува ризик за Турција.
– Министерството за одбрана јасно ѝ стави до знаење на Турција, исто како и претседателот, дека не поддржуваме турска операција во северна Сирија – изјави Џонатан Хофман, портпаролот на Пентагон. Сириските демократски сили, предводени од курдските бунтовници, беа близок сојузник на САД во борбата против ИД. Но Анкара ги смета курдските бунтовници за терористи и Ердоган порача дека турските сили се подготвени да почнат воена операција против нив во североисточниот дел на Сирија.
Од друга страна, советникот на Сириските демократски сили Моти Кахана оцени дека чекорот на Трамп ќе го зајакне сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите најголеми сојузници – Иран и Русија.
– Курдите ми порачаа дека ќе се борат. Тие имаат две опции. Тие може да се здружат со Иран и со Асад за да спречат турска интервенција во Сирија или, пак, да се соочат со борба против Турција во северната погранична област и против Иран – истакна Кахана.