Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска се закани дека ќе го нападне Иран, во знак на одмазда, во случај на било какви напади врз нешто што е американско од страна на Техеран.
Претходно, иранските власти соопштија дека новите американски санкции исклучуваат секаква можност за дипломатија и ги карактеризираа активностите на Белата куќа како „ментално ретардирани“.
– Пораката од Иран, многу неука и навредлива, која беше објавена денес, само покажува дека тие не ја разбираат реалноста. На секој напад од страна на Иран врз било што американско ќе биде возвратено со голема и супериорна моќ. Во некои области, супериорната моќ значи уништување – напиша Трамп на својот профил на Твитер.
Техеран синоќа порача дека воведувањето на нови санкции против иранските официјални претставници значи дефинитивно затворање на дипломатскиот пат меѓу Иран и САД.