Њузвик

Претседателот Доналд Трамп ќе ја темели својата кампања за втор мандат на силната економија. Невработеноста е на најниско ниво во последните 50 години. Бирото за статистика на трудот соопшти дека биле отворени нови шест милиони работни места
откако тој е на власт. Зголемени се платите, профитите и приходите на министерството за финансии. Берзата генерално расте, а економскиот раст повторно е на старите патеки.

Ова се завидни економски резултати, особено во споредба со неговите два претходници. Работите добро се одвиваат за Америка, а некои од најжестоките непријатели на претседателот прогнозираат дека ќе победи на претседателските избори закажани догодина.

Критичарите на Трамп истакнуваат неколку статистики кои покажуваат дека економијата не е толку силна како што изгледа, а некои веруваат дека можно е да се јави нова рецесија во наредните две години.

Американската економија во моментов е најсилна во светот, но како што вели претседателот, би била уште посилна ако министерството за финансии пребрзо не ги зголемеше каматните стапки. Други велат дека нештата можат да тргнат во погрешна
насока поради трговската војна со Кина.

– Ќе следи долг период на успех и благосостојба. Како што знаете, другите држави
покажуваат лоши резултати, особено Кина. Кина претрпе голема штета од царините, но не и ние – им порача Трамп на новинарите минатата недела.

Како одговор на американските царини за извозот, Пекинг го девалвираше јуанот за да го ублажи нивното влијание. Трамп возврати со одложување на рокот за наметнување на нови царини во декември, најмногу за потрошувачките стоки, кои требаше да важат од 1 септември до средината на декември, токму кога е најпрофитабилниот период за американските бизниси и воедно токму тогаш можат да се јават домашни проблеми. Берзата варира токму поради ваквите и слични потези. Американските трговски претставници велат дека „сè што следи“ понатаму е начин да се натера Кина да склучи договор.

Ако економијата е стабилна, тогаш политиката е слаба. Дали Трамп ќе го добие вториот мандат ќе зависи од земјоделците од Средниот Запад, индустриските работници и другите врз кои царините можат негативно да се одразат, особено во клучните држави како Флорида, Мичиген и Охајо. Во одредени сојузни држави, економијата е на прво место, а гласачите се грижат само за работните места. Засега, царините не му одат во корист на претседателот. Колку и неговото гласачко тело да се стимулира со критичката реторика кон Кина, сепак не е доволно за врзување крај со крај.

Извозот на Флорида за Кина годишно изнесува околу 1,6 милијарди долари. Тука се вклучени 533 милиони долари во злато, затоа што Мајами е главен центар кој ја снабдува Кина за производство на истото. Извозот од деловите за цивилни авиони, кој е втор по големина извоз на државата, носат 126 милиони долари, а во иднина таа бројка ќе се зголеми затоа што Кина во наредните 20 години ќе стане најголемиот светски пазар за продажба на цивилни авиони.

Царинската управа во Мајами сама оствари седум милијарди долари приход од соработката со Кина во 2017 година. Производителите во јужна Флорида страдаат поради царините за челик и алуминиум. Извозот на Мичиген за Кина изнесува 3,6 милијарди долари, од кои 1,2 милијарди се од автомобилски делови. Од Унијата на автомобилски производители соопштуваат дека продажбата на скапите автомобили поради високите царини може да предизвикаат загуба на 700.000 работни места во Америка. Но ова не се однесува само на автомобилите. Половина од американското производство на соја се извезува, а 60 отсто од него е наменето за Кина, од кое само Мичиген има 700 милиони долари вреден извоз. Џим Бајрум, претседателот на земјоделската асоцијација од Мичиген, вели дека „загубиле голем дел од пазарот, затоа што им се намалил извозот на соја. Претходно најголем потрошувач на соја била Кина, но сега таа не се извезува таму“.

Извозот на Охајо за Кина изнесува вкупно 3, 9 милијарди долари, а над 691 милион долари се само од извозот на соја. Во едно истражување спроведено во јануари во Охајо се покажало дека царините им нанеле штета на14 компании. Царините на Трамп негативно се одразија во сојузните држави кои беа од клучно значење за неговата претседателска победа во 2016 година, а ќе имаат еднаква важност и на следните избори. Ако претседателот сака да продолжи со економските успеси, ќе треба да стави крај на трговската војна пред Флорида, Мичиген и Охајо да решат да го променат ставот на следните избори.

Подготвила: Билјана Здравковска