Американскиот претседател, Доналд Трамп, кој сè уште се лекува од коронавирусот, денес повторно ѝ се обрати на јавноста преку Твитер.
Тој испрати специјална порака до постарите Американци и им се закани на Кинезите дека ќе платат за „ослободување на коронавирусот во светот“.
– На моите омилени луѓе во светот, постарите лица. И јас сум постар, знам дека не го знаете тоа, никој не го знае тоа, не мора да им кажете, но и јас сум постар. Напредуваме во борбата против оваа страшна болест што ни ја испрати Кина. Кина, која ќе плати висока цена за тоа – рече Трамп во воведот на обраќањето.
Тој ја пофали терапијата што ја доби во воената болница „Валтер Рид“ и истакна дека набргу ќе биде достапна за сите, особено за постарите лица.
– Но, ние имаме лекови. Минатата недела бев многу болен и отидов во болница. Ги зедов тие лекови и беше неверојатно. Ќе ги ставиме на располагање веднаш. Сакам да ја добиете истата грижа што ја добив јас. Овие лекови се тотално безбедни и бесплатни – рече Трамп, кој не ја пропушти можноста да се задева со својот противник Џо Бајден.
– Тој само зборува, но не направи ништо за 47 години. Јас направив повеќе за 47 месеци отколку што тој направи за 47 години. Тој имаше шанса, но не знаеше што да прави. Јас знам што правам. Ви благодарам, ве сакаме и ја сакаме Америка – вели Трамп.