Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ќе се сретнат на 12 јуни во луксузниот хотел „Капела“ на островот Сентоса во Сингапур, соопшти Белата куќа.
Делот од градот каде се наоѓа Министерството за надворешни работи, американската амбасада и неколку хотели, Сингапур денеска ги прогласи за заштитена зона од 10 до 14 јуни.
Во таа зона е вклучен и островот Сентоса и морскиот појас од еден километар долж југозападниот брег.
Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс се заблагодари на домаќинот на гостопримството.
Сингапурската Влада најави дека полицијата ќе спроведува построга контрола на лицата и стоките и дека над заштитената зона нема да бидат дозволени летови.
Капела, во колонијален стил, е хотел со пет ѕвездички на островот Сентоса, кој може да се пофали со неколку одморалишта, хотели, два терени за голф и тематски парк.