Трите држави од Блискиот Исток воспоставија формални односи на свечената церемонија што ја најави новата ера во регионот
Израел потпиша историски дипломатски договор со две арапски држави од Персискиот Залив на церемонија во Белата куќа, за што американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека ќе ја одбележи „новата ера на Блискиот Исток“ и притоа се наметна себеси како меѓународен миротворец среде предизборната кампања, бидејќи неговата администрација помогна во склучувањето на договорот, како што соопшти „Би-би-си“. Билатералните договори ја официјализираа нормализацијата на веќе подобрените односи на Израел со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин поради нивната заедничка спротивставеност кон Иран. Но договорите не го решаваат долгогодишниот конфликт меѓу Израел и Палестинците, кои сметаат дека ваквиот пакт е нож во грбот зариен од страна на нивните арапски сонародници и предавство на нивната цел за формирање палестинска држава, пренесува „Еуроњуз“.
Државите од Персискиот Залив се третата и четвртата арапска држава што го признаа Израел од неговото основање во 1948 година. Претседателот Трамп се надева дека и други земји ќе го сторат истото тоа. Долги години повеќето арапски држави го бојкотираа Израел, инсистирајќи дека ќе го признаат доколку го реши палестинското прашање.
– По децениски поделби и конфликти, ќе ја одбележиме новата ера на Блискиот Исток. Денес се состанавме тука за да го промениме текот на историјата – порача вчера Трамп од Белата куќа пред стотиците присутни.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави потпишувањето на договорите и порача дека „завчерашниот ден бил клучен во историјата, го најавил новиот почеток на мирот, но и дека Израел повеќе нема да биде изолиран“. Но палестинскиот лидер Махмуд Абас изјави дека само израелското повлекување од окупираните територии може да донесе мир на Блискиот Исток, како што пренесе „Би-би-си“. Израелската армија соопшти дека две ракети биле истрелани од страна на палестински милитанти од појасот Газа во Израел за време на церемонијата, но биле пресретнати од израелската воздушна одбрана. Истиот ден, палестински активисти одржаа мали протести во Западниот Брег и во Газа, каде што палеа фотографии на Трамп, Нетанјаху и лидерите на ОАЕ и Бахреин, пренесе „Еуроњуз“.
Зошто договорите се сметаат за „историски“?
Пред ОАЕ и Бахреин, единствените арапски држави од Блискиот Исток што официјално го признаа Израел се Египет и Јордан, кои потпишаа мировни договори во 1978 и 1994 година, соодветно. Мавританија воспостави дипломатски односи со Израел во 1999 година, но ги прекина 11 години подоцна. Сега вниманието ќе се сврти кон другите држави од регионот, пред сè Саудиска Арабија, која засега испрати сигнали дека не е подготвена.
Недостиг од детали во договорите
Покрај билатералните договори, Израел, ОАЕ и Бахреин потпишаа и документ наречен „Авраамски договор“, но во него недостигаат детални формалности што ги исполнуваат дипломатските норми. Двата документа беа составени од општи барања за унапредување на дипломатијата, меѓусебната соработка и регионалниот мир. Најдетален беше договорот меѓу Израел и ОАЕ, кои се согласија да склучат билатерални договори во 15 области од заеднички интерес, како финансиите, трговијата, авијацијата, енергијата, телекомуникациите, здравството, земјоделството и водоснабдувањето, пренесе „Еуроњуз“.
Британски „Гардијан“ пренесе дека немало детали и за израелско-палестинскиот конфликт, туку само дека страните биле согласни „да продолжат со напорите да постигнат праведна, сеопфатна и трајна резолуција“. Не беше споменато ни суспендирањето на израелските планови за анексија на Западниот Брег, што ОАЕ го сметаше за најголема придобивка во договорот.
Зошто Палестинците ги осудуваат договорите?
Палестинците порачаа дека договорите се опасно предавство, особено затоа што потегот на државите од Персискиот Залив е негирање на ветувањето на арапските држави да не го признаваат Израел додека не се реши палестинското прашање. ОАЕ соопшти дека напредокот за палестинската државност е од главно значење и дека нивниот договор вклучувал ветување од страна на Израел дека ќе го „суспендира“ контроверзниот план за анексија на важни делови од окупираниот Западен Брег, кои му беа доделени од страна на претседателот Трамп во согласност со блискоисточниот мировен договор претставен во јануари годинава. Палестинците ги отфрлија предлозите на Трамп како пристрасни кон Израел и предупредија дека анексијата ќе ги уништи нивните надежи за формирање независна држава во иднина и ќе го прекрши меѓународниот закон што има поддршка од поголемиот дел од меѓународната заедница, како што пренесе „Би-би-си“.
Реакција во арапските земји
„Еуроњуз“ порача дека остануваат прашањата за значењето на договорите. Дури и во Израел постои загриженост дека САД може да им продаваат софистицирано оружје на ОАЕ и на Бахреин, со што би се нарушила квалитативната воена положба во регионот. Трамп се согласи ОАЕ да ги набави борбените авиони „ф-35“, а Ненси Пелоси исто така ги поздрави договорите, но порача дека сака да добие повеќе детали за набавката и за согласноста на Израел да ги замрзне напорите за анексија. Во ОАЕ и во Бахреин се чини дека договорите немаат толку добар прием за разлика од Израел. Ниту една држава не ги испрати своите државни и владини шефови да го потпишат договорот со Нетанјаху.