Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на Твитер напиша дека „имал многу добар разговор“ со кинескиот колега Си Џинпинг за трговијата и за Северна Кореја и дека двајцата планираат да се сретнат на претстојниот Самит на Г-20.
– Само што имавме долг и многу добар разговор со претседателот на Кина, Си Џинпинг. Разговаравме за многу прашања, но главниот фокус беше на трговијата. Овие разговори се во контекст на средбите планирани на форумот Г-20 во Аргентина. Имавме добар разговор и за Северна Кореја – напиша Трамп.
На 24 септември, во САД стапи во сила царина од 10 проценти за увозот од Кина. Како што вети Белата куќа, од 1 јануари 2019 година, царината ќе се зголеми на 25 проценти.
Кина одговори со царина од пет до 10 проценти за американскиот увоз.
Откако Трамп денеска напиша за телефонскиот разговор со Си, кинеските медиуми објавија дека Си му предложил на Трамп да се активираат консултациите за решавање на трговските спорови меѓу двете земји.
Преговорите беа прекинати во средината на септември.
Си изрази надеж дека САД и Северна Кореја ќе напредуваат во процесот на отстранување на нуклеарното оружје на Корејскиот Полуостров. Тој додал дека Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во овој процес.