Одлуката на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун за уништување на нуклеарниот полигон е уште еден од серијата позитивни сигнали во пресрет на долгоочекуваната и историска средба со американскиот претседател, која ќе се одржи во Сингапур, на почетокот од јуни, пренесуваат светските медиуми
Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави одлуката на Северна Кореја да го уништи нуклеарниот полигон, каде што беа извршени серија тестирања на атомски бомби. За Трамп, одлуката на Пјонгјанг е „паметен“ чекор. Одлуката на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун е уште еден од серијата позитивни сигнали во пресрет на долгоочекуваната и историска средба со американскиот претседател, која ќе се одржи во Сингапур на почетокот од јуни, пренесуваат светските медиуми.
– Северна Кореја објави дека ќе го исклучи и уништи полигонот за нуклеарно тестирање овој месец, пред големиот самит. Ви благодариме, многу паметен и мудар чекор – порача Трамп на Твитер.
Претходно, Северна Кореја соопшти дека кон крајот на овој месец ќе одржи церемонија на затворање и уништување на полигонот за нуклеарно тестирање. Според севернокорејското МНР, во зависност од временските услови, уништувањето на полигонот ќе се спроведе меѓу 23 и 25 мај, за да се одржи ветувањето дека Пјонгјанг ќе прекине со нуклеарните тестирања. Асошиејтед прес пренесува дека е предвидено настанот да биде симболичен и драматичен, со што ќе постави основа за средбата меѓу севернокорејскиот лидер и Трамп на 12 јуни во Сингапур.
Севернокорејското министерство наведува дека сите тунели на полигонот „Пунгери“ ќе бидат уништени со експлозиви, а ќе бидат отстранети и набљудувачките и истражувачки објекти, како и копнените единици. Покрај тоа, Пјонгјанг планира да им испрати покани на новинари од САД, Јужна Кореја, Кина, Русија и од Британија, кои ќе можат да присуствуваат на настанот.
Во меѓувреме, како што наведува Гласот на Америка, Трамп се надева дека ќе го подобри својот историски низок рејтинг, благодарение на неговите чекори околу Северна Кореја, вклучувајќи го и ослободувањето на тројцата Американци, кои беа во притвор во севернокорејските затвори. Шефот на Белата куќа ги пречека тројцата ослободени Американци, што е совршен телевизиски момент за претседател што сака да го поправи својот рејтинг.
– Многу е важно тоа што успеавме да ги ослободиме овие три лица – порача Трамп.
Трамп веќе подолг период се жали дека не добива доволно пофалби за зајакнувањето на американската економија и често ги критикува медиумите за, според него, преокупацијата со истрагата за Русија, која ја води Роберт Мјулер.
– Имаме најдобра стапка на вработеност од кога било. И покрај тоа, слушаме само за лажниот лов на вештерки во врска со Русија – истакна американскиот претседател.
Трамп минатата седмица исполни уште едно ветување од кампањата и ги повлече САД од договорот со Иран, што наиде на остри критики кај демократите, меѓу кои е и сенаторот Бен Кардин.
– Повлекувањето од нуклеарниот договор ќе ја изолира Америка и сметам дека тоа му помага на Иран и е против нашата цел, да ги контролираме иранските активности – порача Кардин.
Аналитичарот Џон Фортие оценува дека рејтингот на Трамп има мал пораст во изминатите недели, но додава дека тој и натаму останува поларизирачка фигура.
– Сметам дека ставовите на оние што го сакаат Трамп, како и на оние што не го сакаат, се сѐ поцврсти. Интересно е тоа дека неговите рејтинзи изминатите месеци не се изменија многу, а дејствува дека многу работи се случија – истакнува Фортие.
Гласот на Америка наведува дека Трамп се надева оти ќе го задржи фокусот на домашната економија и Северна Кореја, а што подалеку од истрагата за Русија, правните проблеми во кои се наоѓа неговиот личен адвокат Мајкл Коен и судскиот спор за наводната сексуална афера со порно-актерката Сторми Даниелс.