Осветлување и знаци ќе бидат поставени во пештерата Там Луанг во Тајланд каде што беа заробени 12-те деца и нивниот фудбалски тренер, со цел да се спречат љубопитните туристи од влегување, односно губење во пештерскиот комплекс, посочи премиерот на Тајланд, пренесува „Њујорк пост“.
– Во иднина треба да го надгледуваме влезот и излезот од пештерата. Пештерата стана светски позната. Треба да поставиме повеќе светла и знаци. Тоа е опасна пештера – истакна премиерот Прајат Чан-оча.
Посетителите се советуваат да избегнуваат влегување во пештерата за време на дождовната сезона, поради ризикот од поплавување.
Тајланд планира да ја промовира пештерата како туристичка атракција поради вниманието што го привлече случајот со загубените момчиња, но таа ќе остане затворена за јавноста додека не бидат воведени безбедносните мерки, според најавите од премиерот.
Провинцијата Чијанг Раи ја посетија 2,7 милиони туристи минатата година, а се очекува тој број да се зголеми по последните настани.