Тапаните на војната повторно се слушаат во цела Европа, но тие не привлекуваат големо внимание, анализираат западните медиуми. Според нив, главните вести сега се за маските, тестовите и за дострелот на капките при кивање или кашлање
Само пред неколку недели, додека Европејците во повеќе држави водеа жестоки дебати за маски, апликации за корона и ограничувања на ноќниот живот, Турција и Грција за малку ќе завојуваа во Егејско Море. Ова го пишува во своја анализа бриселскиот магазин „Еу обсервер“ за последните случувања помеѓу турските и грчките бродови во Егејско Море. Како што наведува магазинот, во таа насока германската канцеларка Ангела Меркел, наводно, успеала дури и да спречи осумнаесет турски бродови да вршат истражувања за нафта и гас, недалеку од грчкиот остров Кастелоризо, за да не дојде до поголеми проблеми во односите на двете земји-членки на НАТО.
– Турски „ф-16“ летаа над островот. Воени бродови и авиони на двете армии беа подготвени да реагираат ако треба – пишува „Еу обсервер“.
Од друга страна, германски „Билд“ цитираше анонимни германски функционери, кои изјавија дека инцидентот ги потсетил на кубанската ракетна криза.
– Во 1962 година, воени бродови на САД и на Советскиот Сојуз флертуваа со конфликт што можеше да резултира со трета светска војна. Кој би помислил дека денес може да избие војна во Европа, во досега сигурно најпацифистичкиот континент во светот? Но токму тоа ќе се случеше. Началникот на Генералштабот на грчката армија набрзина се врати од Кипар. Празниците на грчките војници беа прекинати. На некои жители на пограничните градови им беше советувано да се евакуираат, бидејќи беа на дострел на турската армија – пишува „Билд“. Во меѓувреме предупредување дека се веројатни „цели“ добија и граѓани што живеат под ист покрив.
– Двете страни, во исто време, остварија телефонски разговори со Ангела Меркел. Ова е интересен детаљ. Сите се јавуваа во Белата куќа кога имаше проблеми во Европа. За време на кризата со еврото, самиот американски претседател Барак Обама се вклучи неколкупати. Сега претседателот Доналд Трамп седи во Белата куќа, а сите ја бараат Меркел, оценуваат германските медиуми.
Паралелно на ова, активисти во неколку градови во Европа се спротивставија на физичкото дистанцирање и на мерките за носење маски со протести поддржани од неонацистички групи, антиваксери, антиглобалистички хипици и од обични граѓани на кои им е преку глава од ограничувањата поради короната.
– Нашето барање е да ѝ се вратиме на демократијата, далеку од овие наметнати закони, со маски што нѐ прават робови – рече една жена на собирот на 20.000 лица во Берлин.
Дополнително канцеларката само што се врати од Брисел, каде што таа и францускиот претседател водеа четиридневна битка на состанокот на Европскиот совет, обидувајќи се да им покажат на англосаксонските инвестициски фондови дека овој пат ЕУ навистина го брани еврото, па ќе нема смисла да се обложуваат против Италија.
Сè уште изморена од овие буџетски битки, Меркел во Берлин веднаш почна телефонски да комуницира со Атина и со Анкара за да се смират во Егејско Море.
За турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган таа е главен европски соговорник. Тој ја гледа Меркел како единствениот европски лидер што има некаков авторитет. Тоа е веројатно добра работа. Затоа што Европа би можела да стане геополитичка шаховска табла на која ривалските суперсили ги движат своите фигури, наведува во својата анализа „Еу обсервер“.
За време на еден ТВ-говор, претседателот Ердоган ги предизвика своите непријатели да се сретнат со него на бојното поле, најавувајќи дека „заврши просперитетот на западните земји, заснован на крв, солзи, болка и експлоатација на остатокот од светот“.
Но и покрај сѐ, како што пишува бриселскиот магазин, по турско-францускиот судир на Медитеранот, во јуни, Емануел Макрон бесно бараше санкции на ЕУ против Турција и Меркел се спротивстави на тоа.
Тогаш таа му порача на турскиот претседател да ги помести бродовите од Кастелоризо и да преговара со Европа ако сака да дупчи во морето. На почетокот на јуни Меркел ѝ соопшти на Анкара дека во спротивно нема да може да ги спречи европските санкции, кои речиси сигурно ќе ја уништат Турција. По ова, турските бродови отпловија и пристигнаа во пристаништето во Анталија.
Сепак, последните случувања со Грците, Меркел тешко ќе може да ги смири, кои повеќепати рекоа дека нема да преговараат под турски закани. Тапаните на војната повторно се слушаат во цела Европа, но тие не привлекуваат големо внимание. Главните вести се за маските, тестовите и за дострелот на капките при кивање или кашлање, наведува угледниот магазин.