Талибанците издадоа соопштение во кое предупредуваат дека ќе продолжат со нападите врз странски трупи во Авганистан доколку американската војска не се повлече до 1 мај.
Соопштението доаѓа еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден зборуваше за повлекување на трупите.
– (Ние) ќе бидеме принудени да ги браниме нашата религија и татковина и да продолжиме со џихадот и вооружената борба против странските сили за ослободување на нашата земја – се вели во соопштението.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера за време на својата прва прес-конференција рече дека постои можност да биде тешко да се извести дека американските трупи ќе се повлечат од Авганистан до 1 мај.
САД и талибанците минатата година потпишаа мировен договор, со кој заврши војната во Авганистан по 18 години, најдолго што САД ја воделе во својата историја.
Договорот, што го потпиша тогашниот државен секретар на САД, Мајк Помпео, предвидува дека САД и НАТО ќе ги повлечат сите војници од Авганистан до 1 мај 2021 година доколку талибанците ги исполнат прифатените обврски.
Бајден не ги објасни точните причини зошто САД не може да го завршат повлекувањето на своите трупи до крајниот рок, а за талибанците неповлекувањето на американските трупи до 1 мај е кршење на договорот.