Режимот на Блискиот Исток го прекројува Авганистан
Со враќањето на талибанците на власт, Авганистанците се плашат дека ќе им биде укинат слободниот пристап до интернет и дека ќе следува цензура на информациите во медиумите, но и дека наскоро ќе има одмазди кон соработниците со поранешните власти и со НАТО
Додека талибанците ја заоструваат контролата над Авганистан, милитантната група ги поставува своите амбиции кон нова цел за освојување, а тоа се сега интернетот и дигиталниот сајбер-простор, кои во изминатите две децении им овозможуваа на многу Авганистанци слобода и пристап до информациите. Сега, откако талибанските претставници ги преземаат државните служби и агенции во главниот град Кабул, нејасно е како новиот режим ќе го контролира пристапот до интернет и дали ќе лови политички неистомисленици или ќе ги угнетува слободата на говорот и изразувањето преку интернет. За овие стравувања, деновиве пишуваше магазинот „Политико“, кој по паѓањето на демократска власт во Авганистан сега наведува дека земјата ќе биде пред уште еден предизвик, а тоа е тоталната цензура на информациите од интернет. Иако пристапот до интернет засега останува релативно отворен во Авганистан, преземањето на талибанците веќе почнува да ја издига свеста на граѓаните за нивното дигитално присуство. Многу Авганистанци побрзаа да ги избришат корисничките сметки на социјалните медиуми и содржините на интернет што би можеле да ги поврзат со поранешната власт или со силите на НАТО, стравувајќи дека таквите врски би можеле да ги загрозат кај талибанците.
Луѓето ги бришат своите профили на социјалните мрежи
Во меѓувреме, невладините организации за дигитални права ги повикаа меѓународните организации и приватните фирми да ги затворат или целосно да ги обезбедат биометриските бази на податоци што содржат скенирање на мрежница или отпечатоци. Некои веќе се во рацете на талибанците, како што порачаа невладините организации во отворено писмо, и би можеле да им овозможат на новите лидери да воспостават програми за надзор и следење на целите.
Покрај првичната чистка на интернет за соработници со непријателот што ја направија талибанците, постојат други посериозни причини за загриженост. Иако групата веројатно нема да ги прекине интернет-каблите, како што честопати правеше кога последен пат беше на власт во 90-тите години на минатиот век, таа може да се обиде да цензурира содржина, да го прекине пристапот за одредени групи или региони или да ги заплаши странските телекомуникациски компании, кои во голема мера работат со авганистанската мрежа. Минатата недела, талибанските претставници се состанаа со АТРА, авганистанското регулаторно тело за телекомуникации, бидејќи воведуваат контрола врз сите органи на државната власт, јавија западните медиуми.
Паралелно на ова, РСЕ пишува дека за авганистанските граѓани постои и друга непосредна загриженост. Кога талибанците ќе ја преземат контролата врз телекомуникациската инфраструктура во земјата, тие би можеле да го нарушат пристапот до интернет за одредени групи, како што се дипломати, невладини организации и медиуми, или да добијат информации за тоа кој аплицира за излезни визи.
Странците се повлекуваат од телекомуникацискиот сектор
Во текот на изминатите две децении, инвестициите од странските влади, имено од САД преку програмата на УСАИД и од Светската банка преку својата програма ИДА, помогнаа да се започне дигиталната инфраструктура во Авганистан. Тие ги прошири услугите на интернет и мобилните врски во многу делови на земјата и овозможија појава на нова дигитална економија, при што стартапите и услугите преку интернет беа пофалени како економска иднина на земјата. Првично, услугите на интернет беа управувани од државниот авганистански телекомуникациски оператор, кој склучи големи договори со кинеската фирма „ЗТЕ“ за 2Г и 3Г-мрежи. Но земјата започна да се отвора за приватни телекомуникациски играчи од средината на 2010-тите. Оператори како Јужноафриканската МТМ-група и групата „Етисалат“ на Обединетите Арапски Емирати инвестираа и изградија мрежи, додека шведската „Телија“, која со години инвестираше во локалниот оператор „Рошан“, го продаде својот удел дури во 2020 година.
Друг ризик за Авганистанците, кои се надеваат дека ќе останат поврзани, е колку долго операторите ќе сакаат да ги одржуваат своите мрежи наспроти заканите, па дури и вандализмот на талибанците. Во јуни, тие ги насочија своите цели кон десетици антени за уништување и оставија многу Авганистанци без пристап до интернет.
За некои компании, решението може да биде да ги следат Американците и едноставно да го напуштат Авганистан. Минатата недела, групацијата МТМ соопшти дека ги „разгледува нејзините опции за излез од Авганистан“ и од Јемен. Групата, која е клучен оператор во Авганистан со повеќе од 6,3 милиони претплатници, ги намалува операциите надвор од Африка уште од минатата година. Додека телекомуникациските компании размислуваат за повлекување од Авганистан, активистите за човекови права рекоа дека сè уште имаат должност да ги бранат авганистанските права.