Талибански лидер во бегство, Мула Омар, живеел во непосредна близина на американските бази во Авганистан, се тврди во новоиздадената книга „Тајниот живот на Мула Омар“ од холандската новинарка Бете Дам, пренесува „Би-би-си“.
Таа во книгата тврди дека талибанскиот лидер никогаш не се криел во Пакистан, како што претходно верувале американските трупи. Наместо тоа, тој живеел околу пет километри од голема американска оперативна база во провинцијата Забул.
Дам поминала пет години собирајќи информации за нејзината книга. По соборувањето на талибанскиот режим во 2001 година, талибанскиот водич се криел сѐ до неговата смрт предизвикана од болест во 2013 година.
По падот на талибанскиот режим, САД понудија награда од десет милиони долари за главата на Омар. За сето тоа време, тој бил во непосредна близина на американска база која брои илјада војници, на оддалеченост од само пет километри.
И покрај тврдењата на војниците, Омар не бил во состојба да ги води талибанските групи од неговата скривница, но се верува дека тој имал удел во преговорите со американски претставници во обид да се стави крај на долгата војна во Авганистан.