Насилството на наркокартелите во Мексико ги принуди т.н. одмазднички групи да ги вооружат и децата во борбата поради стравувањата за безбедноста, со цел да го привлечат вниманието на јавноста кон овој сериозен проблем, пишува „Волстрит џурнал“.
 

Тринаесетгодишниот Луис Густаво Моралес кој живее во селото Ајахуалтемпа, едвај ги знае основите на математиката, но веќе знае како да користи пушка безмалку голема колку него.

 
– Опкружени сме со непријатели, затоа мора да се подготвиме за да го одбраниме нашиот град и нашите семејства – рече Моралес за „Волстрит џурнал“ додека држеше вртимушка во едната рака, а во другата сачмарка.
 
Локалното население во планините во јужниот дел од Мексико регрутира деца за да помогнат во борбата против криминалните банди, особено против безмилосниот картел кој започнал крвава војна. Околу 30 деца на возраст од шест до 15 години тренираат да станат одмаздници, иако досега само петмина од нив користат вистинско оружје.
 
Луис Густаво Моралес од неговиот татко кој е водач на локалната одмаздничка банда, добил пиштол на 13-годишна возраст. 
 
Овој потег на локалната заедница претставува извик за помош. Со години, оваа заедница од 800 луѓе и 15 други околни села се оставени на немилост на локалните картели. Како одговор, жителите основаа свои одмазднички милициски сили со околу 200 вооружени лица кои ја спроведуваат правдата според локалната традиција. Тие имаат свои локални закони одобрени од локалното собрание, па дури и затвори.
 
 
Овие сили, попознати како комунална полиција, станаа вообичаена практика во делови од руралното Мексико, каде што официјалните полициски сили се неефикасни. 
 
Одлуката да се започне со вооружување на дел од децата дојде по грозоморното убиство на 17 јануари од страна на локалниот картел за дрога наречен Лос Ардилос. Тогаш беа убиени 10 музичари кои припаѓаа на една од заедниците, а една од жртвите имаше 15 години.
 
– Тие убиваат деца. Затоа мораме да ги вооружиме деца – рече Изабел Маркез, 25-годишна мајка на две деца.
 

Бернардино Санчез, основачот на локалните „одмазднички“ сили, вели дека децата биле регрутирани делумно за да го свртат вниманието на јавноста кон насилството и беспомошноста на нивните заедници. Тој рече дека многу од децата сè уште одат на училиште и имаат обука во текот на три вечери неделно. Тринаесетгодишниот Александар Мартинез припаѓа на групата од 31 дете на возраст од 6 до 15 години, кое треба да стане дел од локалните „одмазднички“ сили.

Сепак, сликите на вооружените деца ги шокираа Мексиканците. За многумина, тоа е нова бизарна епизода во повеќедецениската војна во Мексико против наркокартелите, во која има 200.000 мртви и 60.000 исчезнати лица. Исто така, тоа е резултат на недостатокот на владеење на правото и функционална држава која може ефикасно да ја контролира територијата.

Претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор посочи дека овие одмазднички групи всушност би можеле да бидат криминална група која регрутира млади лица како атентатори. Комисијата за човекови права во земјата соопшти дека одмазниците го кршат меѓународното право затоа што децата не можат да бидат присилени да учествуваат во вооружени судири.

Стапката на убиства во мексиканската сојузна држава Гереро, во која се наоѓаат Ајахуалтемпа и туристичкиот рај Акапулко, е над 40 жртви на 100.000 жители. Х.Ј.