Двете најголеми светски воени сили, САД и Русија, по заладувањето на политичките релации, веќе на големо започнаа трка за вооружување и за надмоќ, која се води на копно, воздух и вода. Во тој контекст морињата и океаните изминатиов период, очигледно, се во фокусот на дејствувањето на генералите во Пентагон и во Кремљ, а за тоа сведочат големиот број новитети во вооружувањето на морнариците на двете најсилни држави


Руското оружје на апокалипсата

Реномираниот американски магазин „Нешнл интрест“, во своја сторија на тема поврзана со подводните оружја на воените суперсили, објави дека руската морнарица поседува длабоководен дрон-торпедо со псевдоним „посејдон“, развиен уште во далечната 1989 година.
Авторот на текстот Чарли Гао во својата анализа користел податоци што ги добил од архивите на руските државни набавки во различните периоди додека се развивал овој воен проект.
„Нешнл интрест“ пишува дека оружјето започнало да се развива во периодот кога со земјата владеел Борис Елцин, а последните тестирањата за него биле извршени во 2008 година од кога било подготвено да се произведе и да се стави во употреба во тамошната морнарица.
Американскиот неделник во својата сторија додава дека супермодерното оружје „посејдон“ најверојатно ќе биде користено од атомските подморници од петтата генерација „хабаровск“ и „белгород“, кои се на нуклеарен погон, но и од неколку модели на постари подморници од класата „антеј“ (К-132 „иркутск“ и К-442 „чељабинск“).
Во описот на „Нешнл интрест“, оваа нова руска воена опрема се карактеризира како оружје на „судниот ден“.
– Се работи за беспилотно нуклеарно торпедо со интерконтинентален дострел, кое може во од да ја менува траекторијата на своето движење. Овие подводни воени орудија ќе бидат опремени со термонуклеарно оружје. Просторот за полезен товар (боевата глава) ќе има должина од 6,5 метри, а според наводите на американското разузнавање, толку големиот простор волуменски е доволен за во него да може да се смести боева глава со сила од 100 до 150 мегатони ТНТ. Дополнително на оваа тема руски безбедносни извори информираа дека стратегискиот нуклеарен подводен дрон-торпедо ќе носи боева глава со сила од 2 мегатони и покрај нуклеарна боева глава, тој ќе може да носи и конвенционална боева глава, што е сепак малку веројатно со оглед на цената на еден ваков „колос“ што, секако, не е мал за операции на тактички план – пишува магазинот.

Длабоководен дрон-торпедо со псевдоним „посејдон“

Американски подводни дронови

Вашингтонскиот магазин „Нешнл интрест“ во свој друг текст пишува дека и американската морнарица изминатиот период презела неколку битни чекори за развој на повеќе разновидни оружја, кои ќе бидат базирани на технологијата на подводни дронови со кои тамошната суперсила планира да извршува подводно извидување и разузнавање, уништување водени мини, но и да води и подводни и водни битки со непријателски пловила доколку тие ја загрозат американската безбедност. Во својот обемен осврт на оваа тема, новинарот на магазинот Крис Озборн истакнува дека, според Пентагон, овие нови оружја ќе бидат составен дел од дејствувањето на новиот тип подморници „мадршипс“, кои на располагање ќе имаат широка палета паметни торпеда. Авторот истакнува дека во тој правец се развиени две нови подводни беспилотни летала, кои треба да бидат конфигурирани со супермодерни напредни сензори и експлозиви. Според Озборн, станува збор за нови типови оружја базирани на веќе постојниот борбен дрон „ехо ренџер“ и тоа: големо беспилотно подводно возило „орка“ со кодно име XLUUV и големо дијаметрално беспилотно подводно возило со кодно име LDUUV. Програмскиот менаџер за беспилотни оружја на американската морнарица, капетан Пит Смол, за магазинот изјавил дека овие оружја ќе ја консолидираат морнарицата и дека кога ќе бидат во функција ќе бидат инсталирани на сите борбени пловила. „Нешнл интрест“ пишува дека целта на овие нови оружја е да се надгради постојниот арсенал со што ќе се засили стратегиската сила на морнарицата.
Според магазинот, за таа цел, компанијата „Боинг“ од Владата изминатиов период добила 43 милиони долари за да изгради четири подводни дрон-оружја.
– Овие оружја се долги над 25 метри и тешки околу 50 тони. Оружјата можат да достигнат длабочини од околу 3.400 метри и имаат дострел од 6.500 наутички милји. Дроновите поседуваат способност да надминуваат пречки на траекторијата и поседуваат сопствени сонари и компјутерски системи за заштита од сајбер-напади – пишува магазинот.
Според магазинот, некои од овие оружја веќе би можеле да се најдат во производство во 2020 или во 2021 година. 

Новиот тип подморници „мадршипс“, имаат широка палета паметни торпеда