Полицијата во Лондон вчера се судри со ожалостените и демонстрантите кога повеќе од илјада луѓе се собраа да го одбележат убиството на 33-годишна жена, неколку часа откако на суд се појави полицаец обвинет за нејзиното убиство.

Исчезнувањето на Сара Еверард додека се враќаше дома вечерта на 3 март предизвика бран реакции кај жените од опасностите што им се закануваат додека сами шетаат по улиците навечер и загриженост за неуспехот на полицијата и општеството да го решат овој проблем.

Вчера наутро, тие започнаа спонтано да собираат цвеќиња и свеќи во паркот во југозападен Лондон, близу до местото каде последен пат Еверард беше видена жива.

Кејт, британската војвотка од Кембриџ, беше меѓу оние кои дојдоа да и оддадат почит.

Вчера вечер, илјада луѓе, претежно жени, се собраа на местото за да оддадат почит и да протестираат против недостатокот на безбедност што го чувствуваат кога се сами надвор.

Некои од нив извикуваа „срам“ врз присутните полицајци.

Групите за човекови права имаа намера да организираат бдеење, но градската полиција во Лондон соопшти дека луѓето не треба да се собираат за да се почитуваат мерките за време на пандемијата на коронавирус.

Помошничката на полициската комесарка во Лондон, изјави дека четири лица се уапсени за нарушување на јавниот ред и мир и кршење на мерките за здравствена заштита.

– Апсолутно не сакаме да бидеме во позиција каде што е потребна акција за спроведување на законот. Но, ние сме ставени во таа позиција заради потребата да се заштити безбедноста на луѓето – рече таа во изјавата.