Во многу места во светот, луѓето ги мијат рацете и избегнуваат социјални контакти за да не се заразат со коронавирусот. Но тоа е луксуз за милионите луѓе што ги напуштија домовите поради војни и сиромаштија. Преполнетите бегалски кампови се идеални за ширење заразни болести како ковид-19, велат експертите
Центрите за прием на мигранти и бегалци низ светот се ставени под строг режим на движење, а некаде и под целосна блокада. Со оглед на немањето соодветни санитарни услови и строго ограничена здравствена нега, ризикот од ширењето на коронавирусот кај жителите во камповите е исклучително голем и тие стравуваат за своите животи, особено по неодамнешните неколку потврдени случаи на заразени лица во камповите како оној на грчкиот остров Лезбос, кој во исто време е домаќин на најголемиот мигрантски камп во Европа „Морија“.
Строгиот режим на движење ќе се однесува на сите посетители и волонтери, како и на персоналот на невладините организации што работат со мигрантите. Услугите во прифатните центри, како што се училиштата и другите објекти ќе бидат прекинати, пишува германски „Шпигел“.
– Хигиенските услови се катастрофални. Ѓубре има насекаде и смрдеата е неподнослива. Цели семејства живеат во простори не поголеми од неколку квадратни метри додека засолништата се толку густо населени што понекогаш доволна е само една искра да направи смртоносен пожар. Оваа недела, едно дете загина како последица на пожар, кој изби во дел од кампот „Морија“. Доколку дојде до епидемија на САРС или на ковид-19 во еден од бегалските кампови во Грција, ќе биде невозможно тој подоцна да се стави под контрола – предупредуваат од невладината организација „Лекари без граници“, повикувајќи ги грчките власти што поскоро да го евакуираат кампот „Морија“ пред да биде предоцна.
Слична е состојбата и во другите бегалски кампови во светот, каде што расте стравот од ширење на коронавирусот. Во соседна Турција, само дел од четирите милиони бегалци живеат во кампови, а повеќето од нив се оставени на милост и немилост во разурнатите градови. Најалармантна е состојбата на турско-грчката граница. Откако неодамна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека тој ќе ги отвори границите кон Европа, илјадници бегалци, кои чекаа да заминат кон Запад, сега се изложени на овие вируси, посочува „Шпигел“.
Во Бангладеш, пак, јужниот град Кокс Базар е дом на еден од најголемите бегалски кампови во светот. Кон крајот на летото во 2017 година, стотици илјади Рохинги, припадници на муслиманското малцинство од Мјанмар, се засолнија таму, откако претходно беа протерани од својата татковина. Околу 850.000 луѓе се стиснати во мал предел и сè уште живеат таму. Бројката на бегалци, која е енормна, во исто време е слична на онаа на населението во германскиот град Франкфурт, но тие се сместени на една десетина од површината на германскиот град. Како што наведува германскиот магазин, засега овој бегалски камп во Бангладеш има евидентирано неколку случаи на коронавирус. Но, според медиумот, тешко може да се очекува дека состојба ќе остане иста и во иднина.
Сепак, според „Шпигел“, најранливи се луѓето што сè уште живеат во сирискиот регион Идлиб. Таму практично и нема медицинска инфраструктура, иако вирусот на големо веќе се шири во Идлиб. По сѐ изгледа луѓето ќе останат да се грижат сами за себе, посочува магазинот.
– Не сакам да ја намалувам опасноста, но кога сте погодени од војна, ковид-19 и не ви е најголема грижа во моментот – вели Џејсон Стразисо од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
Опасноста е уште поголема во областите каде што бегалците не се официјално интегрирани во системот и поради тоа немаат право на лекарска помош. Според некои процени, Либан на своја територија има повеќе од милион луѓе што избегале од Сирија и живеат во мали градови направени од шатори, наместо во специјализирани бегалски кампови под закрила на државата. Овие импровизирани места каде што секому му е дозволено да биде посетен и слободно да транзитира, може да бидат следните епидемиолошки центри во светот.