Поранешниот советник на Доналд Трамп планира да создаде паневропско популистичко движење со седиште во Брисел, пред следните избори за Европскиот парламент. Фондацијата наречена „Движењето“ ќе му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос и ќе им помага на сѐ повеќебројните екстремно десничарски партии во Европа
Поранешниот советник на Доналд Трамп и идеолог на алтернативната десница во САД, Стив Банон, планира да создаде паневропско популистичко движење со седиште во Брисел, пред следните избори за Европскиот парламент. Во интервју со „Дејли бист“, Банон порача дека планира „десничарска револуција“ во Европа и дека ќе основа фондација наречена „Движењето“, чија цел е да му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос. Фондацијата ќе им помага на сѐ повеќебројните екстремно десничарски партии во Европа, преку анкети, советувања за кампањи и анализа на податоци.
Поранешниот директор на екстремно конзервативниот „Бреитбарт“ има амбиција да создаде широка коалиција на популисти во следниот состав на ЕП, кој ќе се избира на крајот на мај 2019 година. Банон е близок со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, унгарскиот премиер Виктор Орбан, Британецот Најџел Фараж и други „алтернативни десничари“ во Европа.
„Дејли бист“ наведува дека движењето на Банон ќе се инсталира во Брисел и ќе почне да вработува за неколку месеци, веднаш по американските парламентарни избори. Политичката група ќе прави истражувања за „детални политички предлози“ и ќе ги „здружува“ националистичките партии во Европа.
Екстремната десница во Европа досега не успеала да создаде обединета и хомогена политичка група во Европарламент, кој е предводен од трите традиционални политички групи: Европската народна партија (ЕПП), Социјалдемократската партија и Либералните демократи. Дел од ЕПП се и партии како онаа на унгарскиот премиер Орбан, која сѐ почесто е во судир со традиционалните европски десници. Нејасно е засега кои движења би му се приклучиле на Банон. И покрај контроверзиите, ЕПП досега секогаш внимавала да ја задржи партијата на Орбан во своите редови, од страв таа да не замине во друга политичка група, со што влијанието на ЕПП би се намалило на корист на поекстремни групации.
Во интервјуто за „Дејли бист“, Банон истакнува дека негова цел е да ја поткопа европската интеграција, која се гради со децении.
– Десен популистички национализам е тоа што ќе се случи, тоа е тоа што ќе владее. Ќе имате индивидуални нации-држави со сопствени идентитети и граници – порача Банон.
Кризите што ја потресуваат Европа во последните десетина години, од брегзит до миграција и економската криза, создадоа длабоки поделби и плодна почва за популистите и националистите во Европа. Банон додаде и дека неговото движење ќе биде поврзано со движењата на Трамп во САД.