Црвени знамиња беа поставени пред домовите во Апија, главниот град на Самоа, од страна на луѓето кои сигнализираат дека им е потребна вакцинација против сипаници, пренесува „Гардијан“.
Жителите на оваа островска земја во Пацификот беа замолени од Владата да закачат црвени знамиња со кои ќе им сигнализираат на медицинските екипи на теренот оти им е потребна вакцинација.
Епидемијата на сипаница досега го зеде животот на 62 лица на Самоа, а повеќето настрадани на островот се деца до четиригодишна возраст.
Во соопштението на Владата се вели дека поголемиот дел од популацијата не ги сметала сипаниците за толку смртоносни. Тие рамнодушно реагирале на предупредувањата емитувани на телевизиските и радио-каналите.
Друг проблем, според нив, е тоа што заболените барале помош од локалните исцелители, кои ја третираат заразата како тропска болест.
За време на дводневната вакцинација, главниот град Апија изгледаше како „град на духови“, наведуваат медиумите.