Шефовите на дипломатиите на Русија и на ЕУ, Сергеј Лавров и Федерика Могерини, во ОН

Предложените мерки на ЕУ, Кина и на Русија во ОН имаат цел да ги заобиколат
американските санкции против Иран

ЕУ, Иран, Кина и Русија разработија план да ги избегнат едностраните санкции на САД, воведени да ја ослабат иранската економија и да ги принудат Иранците повторно да преговараат за нуклеарниот договор што беше потпишан во 2015 година. Европските дипломати се надеваат дека предложените пакет мерки ќе помогнат да се убеди Техеран да се придржува до договорот, со надеж дека ќе ја спаси иранската економија.

Говорејќи на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, шефицата за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, рече дека пакетот мерки е дизајниран да ги олесни плаќањата поврзани со извозот на Иран, вклучувајќи ги и нафтата и увозот, додека фирмите водат легален бизнис во согласност со законите на ЕУ. Според неа, целта е пакетот да биде достапен не само за фирмите во ЕУ туку и за други компании.

Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, иранскиот претседател Хасан Рохани ја истакна континуираната посветеност на Техеран кон договорот и ги обвини САД дека вршат притисок врз другите земји да се повлечат од нуклеарната спогодба.

– Соочувањето со мултилатерализмот не е знак на сила. Напротив, тоа е симптом на слабоста на интелектот. Тоа покажува немоќ за разбирање на сложениот и меѓусебно поврзан свет – порача Рохани, кој исто така ги обвини САД дека сакаат да спроведат државен удар во Иран.

Во меѓувреме, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, рече дека е „вознемирен и навистина длабоко разочаран од планот на ЕУ“.
– Ова е една од контрапродуктивните мерки за регионалните и глобалните мир и безбедност – рече Помпео.

Според верзиите од планот што ги лиферуваа разни експертски групи, целта е да се воспостави сложен систем за размена, за да се избегнат санкциите од САД. На пример, Иран би можел да испрати сурова нафта во француска фирма, акумулирајќи средства што потоа би можеле да се искористат за исплата на италијански производител на стоки испратени на друг начин, без да има трансакција на фондови што би минале низ ирански раце или низ банкарскиот систем.

Ќе биде формиран мултинационален финансиран посредник поддржан од европските држави за да се справи со компаниите заинтересирани за трансакции со Иран и со иранските компании. Трансакциите нема да бидат видливи за САД и ќе се реализираат во евра и во фунти, а не во долари.

Ричард Нефју, бивш висок соработник на Барак Обама и автор на „Уметноста на санкциите“, изрази скептицизам за новите мерки посочувајќи дека европските фирми, многу од нив со вработени од САД или со разграноци во САД, мора да бидат подготвени да го преземат ризикот да бидат санкционирани од САД.

Тој, исто така, смета дека санкциите на САД би можеле да се применат на стоките што се разменуваат, а не само на паричните средства од трговската размена. Нефју прогнозира дека таков ризик ќе преземат малку фирми, главно мали и средни компании чии приходи зависат од трговијата со Иран.

Џарет Блан, уште еден бивш соработник на Обама, во голема мера се согласува со Нефју, но посочува дека во целиот случај е многу поважна симболиката, но и дека успехот на планот зависи од потезите на Кина, Индија или на Турција во однос на иранската нафта. Тој исто така смета дека со ваквиот план се отвора вратата за долгорочна деградација на моќта на санкциите на САД.


Трамп нема да го прости потсмевот во ОН

Доналд Трамп е навикнат да им се обраќа на тврдокорните поддржувачи. Неговите прес-конференции се ретки и строго контролирани. Оттука, јавното потсмевање од другите светски лидери за време на говорот во Генералното собрание на ОН сигурно го изненади претседателот на САД. Тој рече дека не очекувал таква реакција откако лидерите му се изнасмеаја на тврдењата дека неговата администрација за помалку од две години сторила многу повеќе од која било друга администрација во историјата на САД. Инсистираше дека е сѐ во ред, иако не е. За Трамп се вели дека никогаш не заборава и не им простува на оние што му се потсмеваат, па неговиот втор настап во ОН сигурно нема да ги подобри и онака лошите односи на неговата администрација со светската организација, оценува лондонски „Гардијан“.

Додека повеќето лидери го користат своето време на говорницата во ОН да ги наведат склучените спогодби, Трамп очигледно уживаше да му каже на светот колку договори искинал. Тој нагласи дека САД се најголем донатор во светот, но дека никој не им дава ништо на САД. Трамп предупреди дека САД ќе им помагаат само на земјите што ги почитуваат и што им се пријатели. Претседателот на САД наведе и листа на пријатели, која повеќе ги вклучуваше неговите лични пријателства отколку долгогодишните американски сојузници. На неа се најде Северна Кореја на Ким Јонг-ун, како и Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати, а од Европа беше пофалена само Полска, која бара постојана американска база на своја територија и предлага да се вика „Форт Трамп“. Главен непријател во говорот на Трамп, пак, беше Иран, за кого неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон рече дека го очекува пекол ако сака некако да им наштети на САД.

Светските лидери можеби се смееја, но говорот на Трамп не беше наменет за нив туку за друга публика, а тоа се неговите најголеми поддржувачи дома, кои ги мразат ОН и сакаат нивниот херој да ја избрише насмевката од лицата на „глобалистичкиот“ непријател, заклучува „Гардијан“.