Пјонгјанг не се огласува по шпекулациите за влошената здравствена состојба на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Дел од светските медиуми објавија дека Ким е во кома откако на 12 април му беше извршена операција на срцето, додека на социјалните мрежи се ширеа гласини дека севернокорејскиот лидер починал.
Јапонските медиуми објавија дека Ким е во „вегетативна состојба“ по операцијата на срцето, која му беше направена на почетокот на месецот. Според информациите на одделни медиуми, на почетокот на месецов на Ким нагло му се слошило, по што итно бил пренесен во болница на реанимација, а набргу потоа му била извршена и операција на срцето.
Претходно се појавија многу шпекулации за тоа каде се наоѓа Ким Јонг-ун. Имаше сомневања дека го напуштил Пјонгјанг поради коронавирусот.
Ким Јонг-ун стана лидер на Северна Кореја по смртта на неговиот татко Ким Јонг-ил, кој почина во декември 2011 година.