Група ултрабогати Американци потпишаа отворено писмо во кое бараат оданочување на најбогатиот дел од популацијата на САД, тврдејќи дека таквата мерка би ги зајакнала американската слобода и демократија, пренесува „Њузвик“.
Писмото потпишано од Џорџ Сорос, наследничката на Дизни, Абигејл Дизни, коосновачот на „Фејсбук“ Крис Хјуз и други ултрабогати Американци, беше објавено во „Њујорк тајмс“. Иницијативата ја поддржаа вкупно 18 претставници на 11 богати фамилии.
Богатите Американци ја изнесуваат поддршката за „умерено“ оданочување на богатството на една десетина од најбогатиот еден процент (околу 75 илјади семејства од САД).
Капиталот на најбогатите Американци кои сочинуваат еден отсто од популацијата на САД достигна 21 трилион долари.
Сенаторката Елизабет Ворен, која се залага за идејата, предлага оданочување од два отсто на капитал што надминува 50 милиони долари, односно еден отсто на богатството што надминува една милијарда долари.