Во онлајн акцијата за прибирање средства за припадниците на француската полиција и жандармерија повредени за време на протестите на „жолтите елеци”, што пред два дена ја иницираше претседателот на регионот Прованс-Алпи-Кот-д’Азур, Рено Музелие, досега се собрани над еден милион евра.
Собирањето на средства за повредените полициајци претставува одговор на акцијата за прибирање пари за правна поддршка на поранешниот боксер Кристоф Детанже, кој е обвинет за напад врз двајца припадници на жандармеријата во Париз во саботата, за што ќе му се суди на 13 февруари. Во меѓувреме на Детанже му е изречена мерка притвор.
До денеска до 13:49 беа собрани 1.008.223,09 евра за помош на полициајците од вкупно 36.894 донатори или во просек по над 27 евра по донација.
„Храброст и неограничена поддршка на нашите сили за спроведување на законот и безбедноста“, „Браво за оваа иницијатива; Сите оние кои го отфрлаат насилството и омразата мора да се мобилизираат за да кажат Стоп! Тоа е наша индивидуална и колективна одговорност“, се само некои од пораките на поддржувачите на акцијата