Погрешно би било подемот на политичарите како Доналд Трамп, Борис Џонсон или десничарската Алтернатива за Германија, да го гледаме само како привремено отстапување од политичката норма, вели светски познатиот укажувач, Едвард Сноуден, во интервју за германскиот неделник „Шпигел“.
Човекот кој го обелодени масовниот надзор од страна на американските служби, сега, во изјави за неколку германски весници, предупреди на јакнењето на интернет концерните, велејќи меѓудругото, дека се надева на азил во Германија или Франција.
Поминаа шест години откако Едвард Сноуден (36) откри дека американските и други западни служби во било кој момент може да прислушуваат секого. Денес, Сноуден предупредува дека демократското движење во Хонгконг ќе биде задушено со истите методи – сеопфатен надзор, пренесува „Дојче Веле“.
Говорејќи за подемот на Трамп и Џонсон, Сноуден рече дека светските политичари и бизнисмени сфатиле дека можат да ја користат технологијата за да влијаат врз светот на повисоко ниво.
Тој е убеден дека техничкиот развој на интернетот станува опасност за демократијата.
– Во свет под целосен надзор во кој секое кршење на законот ќе се гони без исклучок, сите луѓе ќе бидат криминалци – вели Сноуден кој бара итно прекинување на масовното собирање на лични податоци.
Ова, забележува тој, не се однесува само на тајните служби, туку и на постапките на големите интернет компамнии како „Фејсбук“ и „Гугл“.
Поранешниот американски разузнавач вели дека првиот чекор е да им се објасни на луѓето колку се всушност следени на секој чекор.
– Доколку никој не развие алтернатива на актуелната состојба, тогаш јас самиот ќе го направам тоа – изјавил Сноуден за „Шпигел“.