Претседателот на полскиот парламент, Марек Кучински, ја најави својата оставка в петок поради скандалот околу тврдењата дека тој и членовите на неговото семејство премногу често користеле владини авиони.
Аферата може да го наруши угледот на владејачката десничарска партија Закон и правда пред парламентарните избори во октомври.
Кучински ја објави својата оставка во присуство на лидерот на партијата Јарослав Качински, пренесува АП.
Кучински инсистираше на тоа дека тој не сторил ништо лошо и дека едноставно многу летал за да се сретне со жителите на малите градови далеку од главниот град Варшава.
Тој објасни дека поднесува оставка затоа што јавното мнение ги оценува неговите постапки во негативно светло.
Во фокусот на полската политичка сцена со денови беше аферата наречена „Ер Качински“.
Откриено е дека претседателот на парламентот летал со владин авион од Варшава до неговиот роден град Жешов, оддалечен околу 280 километри.
Во еден случај, неговата сопруга, наводно, била единствената патничка во авионот.