Жителите на едно мало сириско село во близината на Ќамишли пресретнале американски воен конвој што се обидел да помине низ селото, принудувајќи го да се повлече, пренесува сириската новинска агенција САНА.
Инцидентот се случил во Абу Касаиб. Локалните селани запреле конвој од пет воени возила и го принудиле американскиот воен персонал да се врати во базата.
Сличен инцидент се случи на почетокот на април во Хамо, во близина на Ќамишли. Локални извори во селото изјавиле за САНА дека конвој од пет американски возила се движел кон селото, но бил принуден да се повлече кога мештаните се собрале на контролниот пункт на Сириската арапска армија во близина на селото и спречиле конвојот да помине со помош на армијата.
На крајот на март, мештаните во друго погранично село спречиле конвој од единаесет американски воени возила да помине низ нивната заедница.
На 9 октомври 2019 година Турција почна операција со кодно име „Мировна пролет“ за создавање тампон-зона во Северна Сирија, каде што, како што рече Анкара, ќе можат да се вратат сириските бегалци од Турција.
На крајот на октомври американскиот претседател, Доналд Трамп, најави повлекување на американската војска од областа на турската воена операција, но во истовреме додаде дека Вашингтон е решен да ја задржи контролата врз нафтените полиња во североисточниот дел на земјата.
Арапските и турските медиуми последователно соопштија дека САД повеќе пати ги прегрупираа своите сили на североистокот на Сирија.