Осуммина чувари во окружниот затвор во Ремзи каде што е притворен поранешниот полицаец Дерек Шовен, обвинет за убиството на Џорџ Флојд, тврдат дека привремено им бил забранет пристап до катот каде што се наоѓа Шовен поради нивната боја на кожата, според обвиненијата за дискриминација поднесени до Одделот за човекови права на Минесота, пренесува Си-ен-ен.
Чуварите тврдат дека дека им било наредено да се јават на третиот кат од затворот, дента кога Шовен бил обвинет за убиството на Џорџ Флојд.
– Кога дојдовме на третиот кат, сфативме дека сите обоени вработени се на тој кат и дека всушност сме одвоени од петтиот кат каде што Шовен требаше да биде задржан – се вели во обвинението поднесено од еден од вработените во затворот.
Стив Линдон кој ја надгледува работата во затворот, набргу ја поништил одлуката, но сите осуммина чувари велат дека биле „понижени“ од „наредбата за сегрегација“, се наведува во нивните тврдења.
– Верувам дека постапките на округот Ремзи беа дискриминирачки бидејќи отворено ги издвоија и извршија сегрегација на чуварите поради нивната боја на кожата – истакнал друг чувар.
Затворските власти, пак, соопштија дека одлуката била направена поради „загриженост“ бидејќи, како што наведуваат, „препознале оти смртта на Флојд била длабока траума“.
Полицајците што поднесоа жалба на одлуката, бараат компензација за претрпениот стрес, како и осигурување дека ваквата ситуација никогаш повеќе нема да се повтори.