Земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтер ја погоди северна Италија.
Италијанскиот весник „Република“ пишува дека земјотресот бил почувствуван нешто по 11 и 30 часот во Милано. Се треселе зградите, а луѓето излегле на улиците.
Потресот бил регистриран на длабочина од 26 километри, со епицентар во Бонате Сото во провинцијата Бергамо.
Според податоците од Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMCS), по првиот земјотрес, на истото подрачје се регистрирани уште неколку земјотреси со јачина над четири степени според Рихтеровата скала.
Пред супермаркет се случила полесна сообраќајна несреќа која била предизвикана од паника за време на земјотресот. Евакуирани биле ученици од две средни училишта.
Засега не е познато дали има повредени.
Сведоците на земјотресот ги објавија своите искуства на веб-страницата на ЕМЦС. Така, некои наведуваат дека „се тресело кратко, но многу силно“.
„Чувствував како подот се тресе четири или пет секунди. Јас сум на првиот кат. Слично е на чувството што го доживеав кога бев дете, кога тенкови поминуваа низ улицата за време на воени вежби (1970 година)“, изјави еден корисник.
Други пишуваат дека се треселе прозорците, вратите од плакарите, па дури и дека троседот се поместил, а главно сите наведуваат дека потресот траел до пет секунди.
„Бев на вториот кат од мала станбена зграда. Јасно го почувствував земјотресот. Се тресеше подот што никогаш не сум го почувствувал, а имам 29 години. Предметите на масите вибрираа, но не паднаа и не се превртеа. Ми се чинеше дека интензивно траеше четири-пет секунди плус уште неколку секунди слаби потреси“, изјави друг корисник на веб-страницата на ЕМСЦ.