Боливиската опозициска сенаторка Жанин Анез се самопрогласи за привремена претседателка на јужноамериканската земја по оставката на Ево Моралес, кој доби политички азил во Мексико. Анез изјави дека, според Уставот, таа треба да биде претседателка и вети дека наскоро ќе бидат одржани избори. Нејзиното именување беше поддржано од боливискиот уставен суд. Но пратениците од партијата на Моралес ја бојкотираа парламентарната седница, а бившиот претседател ја опиша Анез како „десничарска сенаторка што заговара државни удари“, пренесува Би-би-си.
Таа завчера прво привремено ја презеде контролата на Сенатот, а потоа и претседателската функција, на што претходеа серија оставки на највисоките функционери во земјата.
– Поради дефинитивното отсуство на претседателот и потпретседателот, како претседателка на Сенатот веднаш ја преземам претседателската функција, како што е предвидено со уставниот поредок – порача Анез пред боливискиот парламент.
Ваквиот развој на настаните следува по контроверзните претседателски избори во октомври, по кои Моралес го освои четвртиот мандат. Но изборните резултати беа оспорени од Организацијата на американски држави, која соопшти дека има очигледна манипулација со гласовите и побара поништување на резултатите. Како одговор на тоа, Моралес се согласи на одржување нови избори, но неговиот главен ривал Карлос Меса изјави дека тој не би требало да се кандидира воопшто на наредните избори. Потоа, началникот на боливиската војска Вилијамс Калиман побара од Моралес да поднесе оставка, во интерес на мирот и стабилноста на земјата. Боливискиот претседател поднесе оставка и веднаш замина во Мексико, каде што доби политички азил.