Во Минеаполис започнува судењето на поранешниот полицаец Дерек Шовен, кој е обвинет за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, пренесуваат светските медиуми.
За време на судењето ќе има зголемено полициско присуство, откако минатата година гневот за смртта на Флојд прерасна во немири. Филонис Флојд, брат на Џорџ Флојд, има верба дека Шовен ќе биде осуден. Шовен е обвинет за убиство од втор степен, како и за убиство од трет степен. Други тројца поранешни полицајци вмешани во случајот за смртта на Флојд се обвинети за соучешништво и ќе им се суди одделно.
– Мислам на брат ми секој ден и секоја ноќ. Мислам на неговите деца. Пред да биде убиен, Џорџ молеше и ја бараше нашата мајка. Пред да умре рече, кажете им на моите деца дека ги сакам – изјави Филонис Флојд на прес-конференција пред молитвеното бдение кое се одржа вчера.
Тој рече дека светот е поделен и треба да се случи обединување. Само на тој начин ќе се доби правда за убиството на неговиот брат. Филонис Флојд исто така повика на единство, велејќи дека не се работи за бела, жолта или црна раса, туку дека на светот има само една раса, човечката.
– Луѓето треба да научат како да живеат едни со други и да се сакаат едни со други – изјави Филонис Флојд.
Аутопсијата заклучи дека смртта на Флојд е убиство поради тоа што му откажало срцето откако Шовен при апсењето го притискал со колено на вратот речиси девет минути, при што Флојд не можел да дише. Неговата смрт покрена многубројни протести на „Црните животи значат“ ширум светот.
Случајот на обвинителството ќе се фокусира на деветминутно видео од инцидентот, а се очекува адвокатите да се осврнат и на употребата на прекумерна сила од страна на Шовин за време на неговата кариера како полицаец. Одбраната на Шовен се очекува да се фокусира на наодите од обдукцијата, на срцевите заболувања на Флојд, како и на доказите за интоксикација.