Четири ирачки војници се повредени во напад на ирачката воздушна воена база Балад, во која се сместени и американски трупи, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на воени извори.

Врз базата биле испалени седум минофрлачки бомби.

Изворите навеле дека бомбите биле фрлени на пистата во базата, која се наоѓа на 80 километри северно од Багдад.


Хезболах: Ова е само почеток на одмаздата кон САД

Лидерот на либанската милитантна група Хезболах, Хасан Назралах, изјавил дека иранскиот напад врз две воени бази во Ирак е само почеток на одмаздата он САД за убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани.

Нападот со балистички ракети, Назралах го нарекол „шлаканица за Вашингтон“, со цел да се испрати порака, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“.

Тој рекол дека овој напад е прв чекор кон патот кој ќе обезбеди повлекување на американската војска од регионот.

„Американците мора да ги преместат своите бази, војници, бродови и службеници од нашиот регион. Зборуваме за почеток на фазата, за нова борба и за нова ера во регионот“, рекол Назралах.

Тој го пофалил Сулејмани за поддршката на Хезболах и додал дека светот е поинакво, а не побезбедно место како што рекле Американците, по смртта на Сулејман.