Северна Кореја повторно ги поставува звучниците за пропаганда по должина на границата, што е најнов потег во повлекувањето од корејскиот мировен договор, што, пак, ја охрабрува јужнокорејската армија да постапи слично, изјави извор од војската на Јужна Кореја.
Севернокорејската војска е видена како поставува звучници во близина на демилитаризираната зона. Ваквите системи беа отстранети откако државите во 2018 година потпишаа договор за ставање крај на сите непријателски активности.
– Ние исто така размислуваме да ги ресетираме нашите звучници. Сепак, Северна Кореја сè уште не започна да емитува ништо, но ако тоа се случи, ние се подготвуваме да возвратиме – рече воен извор.
Двете земји со децении водат пропагандна со звучници на својата граница, што е еден вид психолошка војна. Јужна Кореја емитуваше вести, корејска поп-музика и го критикуваше режимот на Северна Кореја, додека Северна Кореја ја осудува Јужна Кореја и го слави својот социјалистички систем.
Тензиите меѓу двете Кореи се зголемија во последните неколку недели откако Северна Кореја го разнесе објектот на заедничката канцеларија за врски на нејзината страна од границата, прогласувајќи прекин на дијалогот и се закани со воена акција.