Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека властите во Ријад прифатиле, наместо САД, да платат за обновата на Сирија, која е уништена од повеќегодишната крвава граѓанска војна
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Саудиска Арабија прифатила, наместо САД, да понуди финансиски средства за обновување на Сирија, која е уништена од војната. Трамп на својот профил на Твитер им се заблагодари на саудиските власти за таквата одлука.
– Саудиска Арабија се согласи, наместо САД, да понуди пари што се потребни за обновување на Сирија. Гледате? Не е ли убаво кога многу богатите земји помагаат во обновување на нивните соседи, наместо тоа да го направат САД, кои се оддалечени 5.000 милји. Ѝ благодариме на Саудиска Арабија – напиша Трамп.
Шефот на Белата куќа минатата недела најави повлекување на околу 2.000 американски војници од североисточна Сирија, каде што, заедно со силите предводени од курдските бунтовници, се борат против терористичката група Исламска држава. Правдајќи ја својата одлука, Трамп порача дека американските војници повеќе не се потребни таму, бидејќи џихадистите од ИД се поразени.
Одлуката за повлекувањето на американските војници ги зголеми стравувањата од „воскреснување“ на ИД, како и од нова турска воена операција против курдските бунтовнички групи во северна Сирија. Трамп и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараа и постигнаа договор за избегнување вакуум на власта по заминувањето на американските војници.
Од друга страна, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу предупреди дека Анкара не се откажала од намерата да навлезе во северниот дел на Сирија.
– Турција е одлучна да ја премине реката Еуфрат и да влезе во северна Сирија што е можно побргу – истакна Чавушоглу.
Според него, Турција и САД постигнаа договор за градот Манбиј, во сириската област Алепо.
– Договорено е припадниците на курдските Единици за народна заштита (ЈПГ) целосно да се повлечат од тој град – додаде турскиот министер.
Официјална Анкара ја смета ЈПГ за терористичка организација, која е тесно поврзана со курдските сепаратисти во Турција.
Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека Ердоган го поканил претседателот Трамп да ја посети Турција во 2019 година.
– Засега ништо конкретно не е планирано, но претседателот е отворен кон идејата за евентуална средба со Ердоган во иднина – изјави портпаролот на Белата куќа, Хоган Гајдли.
Портпаролот на Ердоган, Ибрахим Келен, завчера истакна дека Трамп сакал да ја посети Турција следната година, но датумот сѐ уште не е утврден. Тој изјави дека Ердоган го поканил Трамп во телефонскиот разговор, во кој двајцата претседатели зборувале за повлекувањето на САД од Сирија.